Обвинителството ќе се жали бидејќи Кривичен не им одреди притвор на лицата кои упаднаа во М-НАВ

Јавно обвинителство, Скопје

Обвинителството ќе поднесе жалба поради одлуката на Кривичниот суд да се донесат мерки за претпазливост, наместо притвор за четворицата приведени од вкупно осумте лица кои го извршија нападот во зградата на М-НАВ во четвртокот.

„Јавниот обвинител во текот на денешниот ден ќе вложи жалби на одлуката на судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје со која беше одбиен предлогот за определување мерка притвор за четворица осомничени за кривично дело - Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај и им беа определени мерки на претпазливост“, стои во соопштението на Обвинителството.

Четворицата приведени кои претходно беа на распит, доцна синоќа пристигнаа во Кривичниот суд Скопје, каде, иако обвинителството од претходно побара да им се определи мерка притвор притвор, сепак судија на претходна постапка им одреди само мерки за претпазливост.

Видете и ова: Мерки за претпазливост за четворица осомничени за нападот во М-НАВ

„Судот донесе решенија со кои на сите четири лица им се опредлуваат мерки за претпазливост. Согласно член 146 ст.1 од ЗКП на осомничените им се определува: Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, одземање на патната исправа, односно забрана за нејзино издавање и забрана за комуникација со оштетниот како и меѓусебна комуникација“, се вели во соопштението на Кривичен. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред кривичниот совет на овој суд.

Во инцидентот кој се случи 4 јануари, Беким Незири, вработен во институцијата и неколку други лица упаднаа во зградата на Контрола на летање на скопскиот меѓународен аеродром по прес-конференцијата на синдикатот на М-НАВ, на која порачаа дека нема да прифатат партиски вработувања.

Видете и ова: Финансиска полиција влегува во М-НАВ

По ова, премиерот Ковачевски најави дека Владата на 9-ти јануари на седница ќе расправа за инцидентот, додека истиот ден Управата за финансиска полиција најави влез во М-НАВ каде финансиските инспектори ќе го испитуваат целокупното финансиско работење, работата на целокупниот менаџмент, јавните набавки, работењето на синдикатот како и последните вработувања во институцијата.