Владата го продолжи рокот за изградба на автопатот Кичево - Охрид

Изградба на автопатот Кичево - Охрид

Изградбата на автопатската делница Кичево - Охрид е приоритет и Владата, преку Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта е определена да се продолжи со нејзината доизградба, како дел од европскиот Коридор 8, соопштија од Владата по денешната седница (28.12).

Владата ги овластила вицепремиеот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, да почнат преговори со изведувачот, за склучување анекс на договор за да се продолжи рокот за изведба, со искористување на веќе обезбедените финансиски средства за доизградба на автопатот Кичево – Охрид.

Истовремено, изведбата на делницата, ќе продолжи во континуитет да се реализира, соопштија од владината прес-служба.

Видете и ова: Бочварски - Недозволиво е по 10 години градење на автопатот Кичево - Охрид да има свлечишта


Одлуката е донесена по Информацијата од Јавното претпријатие за државни патишта дека поради реални причини, има потреба од продолжување на крајниот рок, 31 декември 2023 година, за изведба на градежните работи на овој автопат.

Владата оценила дека првичниот проект за автопатот Кичево - Охрид е со бројни пропусти во проектирањето, кои во голем дел веќе се надминати и во континуитет се создаваат услови за негово завршување.

Автопатот Кичево - Охрид се гради веќе 10 години. Државниот завод за ревизија минатата година анализирајќи колку од заемите и кредите што ги зела држава се искористени, се осврнува и на овој автопат. До крајот на 2021 се повлечени околу 382 милиони долари од кредитната линија за автопатот. А дополнително за камати и провизии отишле уште 38 милиони долари, се наведува во извештајот на Заводот за ревизија.

Видете и ова: Кој пат ќе го фати договорот за автопатот Кичево - Охрид?


Во извештајот се наведува дека ЈП за државни патишта не ги исполнува во целост условите од договорот, а како резултат на тоа изведувачот си наплаќа за оштетата. Како најчести причини се наведуваат експропријација, слабостите во проектирањето и дислокациите.

Основниот договор, според кој, автопатот од 57 километри, требаше да се заврши до 2018, е надградуван уште со пет анекс договори. Петте анекси се склучувани од 2018 до 2020 година. Дел од анексите се однесуваат на пролонгирање на рокот, а дел на дополнително задолжување во кинеската банка.