Љупчо Коцевски доби позитивно мислење за нов државен јавен обвинител

илустрација

Советот на јавни обвинители едногласно даде позитивно мислење за кандидатот Љупчо Коцевски да биде нов државен јавен обвинител.

Кандидатот Лидија Раичевиќ не доби позитивно мислење од Советот, додека за Фатиме Фетаи не се расправаше, поради нецелосно доставена документација. Претседателката на Советот на ЈО Душица Димитриеска, на почетокот информираше дека документите на Фатиме Фетаи се некомплетни и дека Советот не пристапува на гласање.

Димитриеска истакна дека се работи за личност со интегритет, етичност и стручност за функцијата што ја извршува.

На огласот за нов државен јавен обвинител пријавени беа тројца кандидати – Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РСМ.

Видете и ова: Седница на Советот на ЈО за давање мислење за кандидатите за нов државен јавен обвинител

Советот на ЈО, согласно законските одредби дава позитивно или негативно мислење до Владата, по што Владата до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење.

Собранието го објави огласот на 29 ноември годинава, откако пратениците ја изгласаа одлуката за именување нов јавен обвинител.

На актуелниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески мандатот му заврши на 25 декември, а Советот на ЈО на седница минатата недела ја избра обвинителката Соња Симовска од Државното јавно обвинителство за вршител на дожноста до завршување на изборот.

Видете и ова: Пред или по избори, државен обвинител ќе се избира во „подгреана“ политичка атмосфера

Според Законот за јавно обвинителство за јавен обвинител може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.

Јавниот обвинител се именува од Собранието, по предлог на Владата со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на Јавното обвинителство одговара пред Собранието.