Русија официјално соопшти дека еден од нејзините борбени бродови денеска бил погоден од Украина во Црното Море.
Руското Министерство за одбрана информираше дека украинскиот напад бил изведен со крстосувачки ракети, лансирани од авион.
Претходно командантот на украинските воздухопловни сили изјави дека Украина извршила воздушен напад врз кримското пристаниште Феодосија. Командантот на украинските воздухопловни сили, Микола Олешук, на Телеграм објави дека во нападот бил уништен важен брод на руската морнарица, амфибискиот јуришен брод Новочеркаск.
„Руската флота станува сè помала и помала! Благодарам на воздухопловните пилоти и на сите што учествуваа во филигранската работа“, рече Олешчук.
Москва, исто така, извести за едно лице убиено и две ранети во украинскиот напад врз пристанишниот град Феодосија на полуостровот Крим, анектиран во 2014 година. Ова го соопшти лидерот на Крим назначен од Русија, Сергеј Аксјонов.
Видете и ова: Украина се прашува уште колку ќе издржи без оружјето од ЗападотПретходно денеска украинските воздухопловни сили соопштија дека уништиле брод на руската морнарица во Црното Море за кој се верува дека превезувал беспилотни летала Шахед од иранско производство, кои Русија интензивно ги користи во нападите врз Украина.
Во септември, Украина употреби крстосувачки ракети доставени од Британија за да нападне друг руски борбен брод и подморница во близина на Севастопол, главното пристаниште на западната страна на полуостровот. Се верува дека двата брода се тешко оштетени.
Предводникот на руската црноморска морнарица, Москва, потона во април 2022 година откако беше погоден од украинска противбродска ракета, при што загинаа непознат број морнари. Загубата на бродот беше голема победа за Украина, која ја загуби контролата врз поголемиот дел од брегот на Црното Море за време на руската инвазија.