Институтот за судска медицина се оградува од сите неофицијални информации за обдукцијата на Ѓорчевска и Жежовски

илустрација

Институтот за судска медицина се оградува од сите написи во кои ќе бидат објавени неофицијални информации, а каде како извор ќе биде наведен Институтот, посочуваат од оваа институција по објавата на информација за начинот на кој била убиена 14-годишната Вања Ѓорчевска од страна на некои медиуми.

„Само изјава дадена од одговорното лице на Институтот, која е во вид на аудио или видеоснимка или во писмена форма, може да се смета за релевантна и точна и тогаш медиумите може да цитираат дека изворот на информацијата е од Институтот. Додека трае истрагата Институтот за судска медицина се оградува од сите написи во кои ќе бидат објавени неофицијални информации, а каде како извор на информацијата стои Институтот за судска медицина“, истакнуваат од Институтот.

Од Обвинителството веќе соопштија дека наодите од обдукцијата нема да ги објават јавно.

Оттаму, известуваат дека по пронаоѓање на телата од покојните Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Институтот бил активно вклучен во истрагата, како при увидот на местото на пронаоѓање на телата, така и во вршење на обдукциите.

Видете и ова: Уапсен Љупчо Палевски-осомничениот за грозоморното убиство на 14-годишната Вања

Сепак од Институтот напомнуваат дека како судски медицинари, кои се активно вклучени во истрагата за овој сензитивен предмет, се обврзани да го почитуваат Законот за кривична постапка, односно член 289 кој се однесува на тајност на предистражната постапка.

Оттаму, напомнуваат дека Институтот за судска медицина продолжува со сите законски предвидени дејствија за овој предмет кој се и ќе бидат дел од доказниот материјал, а кој со јавноста ќе бидат споделени во оној дел во кој тоа го дозволува Законот за кривична постапка.

Видете и ова: Обвинителство не открива што покажала обдукцијата на Вања и Панче

Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември. Нејзиното тело беше пронајдено 3 декември во близина на Скопје. Во близина на Велес, пак, истиот ден беше пронајдено телото на Панче Жежовски кој исчезна на 22 ноември.

Министерството за правда соопшти дека е извесно дека неколку месеци може да трае постапката за екстрадиција на првоосомничениот за убиствата, Љупчо Палевски од Турција кој е во 40-дневен екстрадициски притвор во таа земја.