Соња Симовска е избрана за в.д републички јавен обвинител

Седница за избор на в.д. јавен обвинител, 22 декември 2023 година

Обвинителката Соња Симовска ќе биде нова в.д. републичка обвинителка на местото на Љубомир Јовески. Таа на функцијата ќе ја извршува до регуларното именување на републички обвинител, процедура која оди преку Владата и Собранието.

Симовска во понеделник ќе ја презеде функцијата од досегашниот шеф на обвинителството Јовески, чиј шестгодишен мандат истекува во понеделник. Јовески кој по функција е член на Советот, не дојде на денешната седница на која се бираше негов в.д. наследник.

Симовска дојде како предлог на претседателката на Советот, Душица Димитриеска, а едногласно беше изгласана од сите членови. Таа работела како приправник во скопското обвинителство, а потоа и како обвинителка во ОЈО Скопје. Од 2009 до 2021 била виша обвинителка во Скопје, а од почетокот на 2022 е дел од републичкото обвинителство.

"Се работи за јавен обвинител кој има долгогодишно искуство, докажан како добар јавен обвинител и со оглед на искуството може успешно да ја извршува функцијата", рече Димитриеска.

Видете и ова: Пред или по избори, државен обвинител ќе се избира во „подгреана“ политичка атмосфера

Советот назначува в.д. обвинител бидејќи власта не ги започна процедурите за избор на нов републички обвинител на време. Огласот беше објавен на 29 ноември и траеше 15 дена. На него се пријавија тројца обвинители: Фатиме Фетаи, Лидија Раичевиќ и Љупчо Коцевски.

Нивните кандидатури Владата на 19 декември ги испрати на мислење до Советот на јавни обвинители и тие утрово пристигнале по пошта до ова тело. Советот треба да даде образложено позитивно или негативно мислење во рок од 15 дена. Од оправдани причини овој рок може да се продолжи за 15 дена.

Од оние за кои Советот дал позитивно мислење, Владата ќе треба да избере еден и да го предложи до Собранието кое на пленарна седница го избира со мнозинство гласови. Советот на јавни обвинители може и воопшто да не даде мислење, но во таков случај ќе се смета дека тоа е позитивно. Во случај за сите кандидати да даде негативна оценка, тогаш Владата ќе треба да му предложи на Собранието да го повтори огласот и постапката да почне од почеток.