Изборната комисија на Косово го отвори патот за смена на градоначалниците на северот

Северна Митровица.

Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) го отвори патот за собирање потписи во рамките на петицијата за смена на градоначалници во три општини со српско мнозинство на северот на Косово, така што на пртседателите на Советите на општините Северна Митровица, Лепосавиќ иЗубин поток им е испратен официјален одговор околу тоа прашање.

Портпаролот на ЦИК, Ваљмир Ељези, на 18 декември изјави дека претседателите на советите на општините, иницијативните групи граѓани и Министерството за локална самоуправа на Косово биле информирани за ажурираниот број на запишани гласачи во овие три општини.

Ова се чекорите од Административната инструкција за смена на градоначалниците, која Владата на Косово ја донесе на почетокот на септември со цел преку петиција да го отвори патот за распишување избори во општините на северот на Косово, која треба да ја потпишат најмалку 20 отсто од вкупниот број запишани избирачи.

Видете и ова: Сервер: Вучиќ го зазеде и прорускиот и проевропскиот простор во Србија

Ељези рече дека на сите страни точно им било кажано колку граѓани имаат право на глас и колку потписи се потребни за да биде успешна петицијата за смена на градоначалниците.

Тој на прес-конференцијата рече и дека претседателот на Општинското собрание на Звечан се уште не се обратил до ЦИК за започнување петиција за смена на градоначалникот.

Во четири општини на северот на Косово, градоначалниците Албанци дојдоа на власт на крајот на мај, што локалното српско население не го прифаќа, по бојкотот на последните избори во април. Тоа прашање ги зголеми тензиите, а западните земји и ЕУ побараа од Косово да организира нови избори.

Граѓаните од општините на северот на Косово, врз основа на Управната инструкција, имаат рок од 30 дена да соберат потписи за смена на градоначалниците, а рокот може да се одложи само еднаш и тоа за 15 дена.

Доколку ЦИК потврди дека собраните потписи се соодветни и ги верификува, се организира гласање за смена на градоначалниците, кое треба да се одржи во рок од 45 дена.

За да успее овој процес за смена на градоначалниците, потребни се 50 отсто плус еден глас од граѓаните со право на глас. После тоа, резултатот се испраќа до претседателката на Косово, Вјоса Османи, која има законски рок од 30 до 45 дена да распише предвремени избори.

Видете и ова: Србите од Косово организирано одат на гласање

Српска листа, најголемата партија на косовските Срби, која ја има поддршката од Белград и која повика на бојкот на последните локални избори, во средината на октомври објави дека е подготвена да учествува на специјалните избори во општините на северот на Косово.

Тогаш не прецизираше дали ќе почнат со процесот на собирање потписи за петицијата за смена на градоначалниците, туку само побараа да се распишат нови избори.

Претходно, на 12 октомври, претседателот на Србија, Александар Вучиќ ги повика претставниците на Србите на северот на Косово да иницираат одржување на нови избори на северот за да „основните лостови на моќта дојдат во рацете на оние што живеат таму“.