Системот „Најди ме“ за исчезнати лица стартува и во Северна Македонија

Илустрација

Систем за итна потрага по исчезнати лица “Најди ме“ од денеска (18.12) станува достапен и во Северна Македонија, со цел да придонесе брзо да се алармира јавноста кога некој ќе изчезне, беше најавено на денешната промоција во Скопје.

Системот стартува со интернет-страницата www.najdime.org.mk, на која ќе се објавуваат податоци за исчезнати лица, откако исчезнувањето ќе биде потврдено од МВР. Пријавата не се гледа во јавност, ИТ лицата кои стојат зад веб - страната ги разгледуваат податоците и ги пријавува во МВР. Потоа се чека повратна информација од МВР и се објавуваат податоците за исчезнатото лице. Веднаш потоа се вклучуваат сите други алки во системот, кажа Александра Радевска од граѓанската организација „Новинари за човекови права“, која е иницијатор на проектот.

„Праксата е аларми за широко алармирање на јавноста за исчезнати лица да се покренуваат само во случај кога имаме киднапирање, односно висок ризик по животот на исчезнатото лице. Тоа ќе оди во соработка со МВР. Секогаш кога ќе се одлучи дека треба широк аларм, тогаш и ние ќе го покренеме системот. Она што ние очекуваме граѓаните да го пријават исчезнатото лице во МВР“, рече Радевска.

Децата се приоритет заради ранливоста, но системот ќе биде достапен и за сите случаи на исчезнати лица во кои може да биде од помош.

Видете и ова: „Најди ме“ стартува на 18 декември-ќе помогне ли во потрагите по исчезнати деца?

На промоцијата присуствуваа и претставници на министерствата за внатрешни работи(МВР), за образование и за здравство, на јавниот градски превоз, здруженија на таксисти и хотелиери и на организацијата ЕКПАТ од Австрија по чиј пример ќе функционира “Најди ме“.

Досега, освен министерства, како партнери се вклучени Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), Групацијата на такси превозници на Скопје, Асоцијацијата на хотилиери (ХОТАМ) и Комерцијална банка. Со нивната соработка, информации за исчезнувањето ќе се појават и на банкоматите, на рецепција на хотелите-членки на ХОТАМ, на дигиталните дисплеи во градските автобуси и кај таксистите, преку такси - станиците.

Има иницијативи за соработка и со медиуми кои сакаат да се приклучат.

„Секој кој смета дека е негова општествена одговорност како бизнис и има дигитални капацитет во своите платформи, може да не контактира за соработка“, рече Радевска.

Видете и ова: Со „Амбер Алерт“ ќе се бараат исчезнати деца во Северна Македонија

Министерот за образование, Јетон Шаќири најави новини во новиот електронски дневник од второто полугодие за родителите веднаш да имаат увид дали нивното дете дента стигнало во училиште и е внесено во е -дневникот.

„Сите поминуваат низ системот на образование, а тој игра клучна улога во раното откривање на исчезнати деца. Наставниците и училишниот персонал често се првите што забележуваат кога детето е отсутно или пак детектираат кога тоа е во некаков ризик, кој се манифестира преку неговото однесување, изглед и слично. Од друга страна пак, токму во училиштата и преку наставата и воннаставните активности, децата се запознаваат со потенцијалните опасности кои ги демнат. Така ќе биде и понатаму. Едукативните содржини поврзани со оваа тематика, веројатно ќе стануваат сè позастапени“, рече Шаќири.

Прашањето за покренување на ваков систем и во Македонија повторно се покрена по исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, откако нејзината наставничка ја контактирала мајката бидејќи Вања утрото не дошла во училиште. Нејзиното тело беше пронајдено на 3 декември во близина на Скопје. За нејзиното убиство се осомничени четири лица. Првоосомничениот, Љупчо Палевски беше уапсен во Турција и македонското Министерство за правда побара негова екстрадиција. Останатите осомничени се во притвор.

Палевски е осомничен и за убиството на Панче Жежовски(74) од Велес, чие исчезнување исто така е пријавено во полиција, а неговото безживотно тело беше најдено во близина на Велес истиот ден кога беше најдено и телото на Вања.

Видете и ова: Уапсен Љупчо Палевски-осомничениот за грозоморното убиство на 14-годишната Вања

Според официјалните податоци од МВР, во последните три години (од 2020 до 27.10.2023) биле исчезнати 74 малолетни лица. Од нив, 65 се пронајдени. Девет деца уште се водат како исчезнати.

Првично воспоставен во САД (под називот „Амберт алерт“), системот постои во повеќе европски држави, а постепено го воведуваат и земјите од регионов. Покрај во Србија, системи за предупредување за исчезнати деца има и во Албанија и во Хрватска, каде е познат како „Нено аларм“.

Според податоците на „Амбер алерт Европа“, секоја година исчезнуваат по околу 100.000 деца во земјите од ЕУ.