Непотребно е мешањето на политиката во случајот во училиштето „Тодор Јанев“ во Чашка сметаат од Министерството за образование и наука (МОН). Во училиштето, дел од родителите на учениците поддржани од жителите и наставниците ја бојкотираат наставата и бараат МОН да ја укине новоформираната паралелка на албански наставен јазик.
Чашка е мултиетничка општина со македонско и албанско население во близина на Велес. Во училиштето во Чашка учат 210 ученици, од кои 65 се од албанска етничка заедница.
„МОН се заложува за овозможување на правото на образование на мајчин јазик за секој ученик, затоа што тогаш воспитно – образовниот процес е најефикасен и ефективен. Во посоченото училиште во Чашка е постапено согласно барањата на дел од жителите во населеното место и имајќи предвид дека сите останати услови се исполнети, а најважно е што постојат и просторни услови, како и обезбедени се средства од Министерството за финансии, се отвори паралелка на албански наставен јазик“, велат од МОН.
Со мешање на политиката, велат од Министерството, се наштетува на најдобрите интереси на младите, а тоа е, како што велат, да имаат квалитетно образование достапно на својот мајчин јазик.
Во целиот случај се вмешаа и партиите, а училиштето го обезбедува полиција.
Во Полициската станица во Велес, вчера в.д директорката на училиштето „Тодор Јанев“ во населба Чашка, Елена Николова, пријавила дека утрото пред влезот на училиштето каде се одржувал јавен собир на група на граѓани, била физички нападната од едно лице.
Како што денеска информира портпаролот на Велешката полиција, Билјана Ѓаковска, се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Веќе четврта недела родителите на учениците поддржани од жителите и наставниците ја бојкотираат наставата, а децата седат дома. Тие имаат единствено барање до МОН да ја укине новоформираната паралелка на албански наставен јазик, а четирите првачиња да се вратат на настава со соучениците Македонци со кои учеа заедно од 1 септември. Се жалат дека директорката Николова одбива да разговара со нив, а тие не и дозволиле да влезе во училиштето, информираат за МИА од Советот на родители.