Путин: Ќе има мир кога ќе ги постигнеме нашите цели

Рускиот претседател Владимир Путин на годишната прес-конференција, 14 декември 2023 година

Рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на попуштање во војната против Украина, порачувајќи од годишната прес конференција дека неговите цели остануваа исти и дека мирот ќе дојде само кога тие цели ќе се постигнат.

Одговарајќи на прашањата од новинари, јавноста, па дури и војници, Путин, кој минатата недела објави дека ќе се кандидира за петти претседателски мандат на изборите во март, рече дека основните цели на Русија остануваат „денацификација“ и „демилитаризација“ на Украина, истовремено обезбедувајќи ја нејзината неутралност.

„Ќе има мир кога ќе ги постигнеме нашите цели“, рече 71-годишниот руски лидер за војната, за која Владата донесе закон дека мора да се нарекува „специјална воена операција“.

„Што се однесува до демилитаризацијата, ако тие (Украинците) не сакаат да се договорат - добро, тогаш сме принудени да преземеме други мерки, вклучително и воени. Или ќе се договориме, ќе договориме одредени параметри (за големината и силата на војската на Украина) или тоа ќе го решаваме со сила. Ова е она кон што ќе се стремиме“, рече Путин.

Видете и ова: Претседателски избори во Русија: Промени или нов мандат за Путин

Од почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година, Путин рече дека целта на операцијата е „демилитаризација и денацификација“ на Украина, термини што претставниците на Кремљ ги користеа за лажно да тврдат дека владата во Киев е контролирана од нацистички симпатизери, иако украинскиот претседател Володимир Зеленски е Евреин и изгубил роднини во Холокаустот.

Путин на осми декември на церемонија во Кремљ, на војниците кои се бореле во војната во Украина им ја додели највисоката воена почест на Русија, Златната ѕвезда „Херој на Русија“.

Руските избори се строго контролирани од Кремљ и не се ниту слободни ниту фер, но владата ги смета за неопходни за да се пренесе чувство на легитимност. Тие се „уништени“ со исклучување на опозициските кандидати, заплашување гласачи, полнење гласачки ливчиња и други средства за манипулација.

Путин доби право да учествува на следните два претседателски избори во Русија, откако во 2020 година изврши уставни промени што му го отворија патот да остане на функцијата до 2036 година.

Тој е премиер или претседател од 1999 година, а со секој нов мандат ги урива демократските норми и слободи. Ако отслужи уште еден целосен мандат, тој ќе го надмине скоро 30-годишното владеење на Сталин и ќе стане најдолгиот руски лидер кој владеел од Катерина Велика (1762-1796).

Видете и ова: Руската опозиција ветува борба против Путин на изборите

Додека Путин се приближува кон нов шестгодишен мандат во услови на разорна војна, тој веројатно нема да се соочи со каков било предизвик во трката со неговите двајца главни ривали Алексеј Навални и Владимир Кара-Мурза и двајцата во затвор на издржување долги казни и поради несогласувања со владините политики.

Инвазијата на Украина, која сега е во својот 22-ри месец, беше катастрофа за Русија, одземајќи ги животите на десетици илјади војници. Таа меѓудругото ја наруши економијата на нацијата и ги уништи односите со Западот. Путин ги забрани критиките за војната и вооружените сили за да ја уништат опозицијата.

Путин на годишната прес конференција на 14 декември, која порано траеше и по неколку часа, рече дека во моментов не е потребен дополнителен бран на воена мобилизација, бидејќи „протокот на луѓе подготвени да ја бранат нашата татковина со оружје во рака не се намалува“.

Околу 300 000 Руси беа мобилизирани во војската минатата година.