ОЈО апелира да не се шират непроверени информации за истрагата за Вања и Панче

ОЈО Скопје

Да не се шират непроверени информации кои можат да наштетат на постапката, но и дополнително да ја вознемират јавноста, апелира Основното јавно обвинителство - Скопје во врска со истрагата за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

„ОЈО Скопје е во постојана комуникација и размена на податоци со Институтот за судска медицина. Обдукцискиот наод се уште не е изготвен и доставен до обвинителството. Дејствијата на сите инволвирани се предмет на истрага во моментов за што секојдневно се прибираат вербални и материјални докази кои меѓусебно се споредуваат. Јавното обвинителство апелира во текот на истрагата да не се шират непроверени информации кои можат да наштетат на постапката, но и дополнително да ја вознемират јавноста“, велат од ОЈО Скопје.

Видете и ова: Уапсен Љупчо Палевски-осомничениот за грозоморното убиство на 14-годишната Вања

Малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, се пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.

За нивното убиство засега се осомничени шест лица, од кои пет се во притвор. Првоосомничениот Љупчо Палевски - Палчо се чека да биде екстрадиран од Турција.

Министерот за правда, Кренар Лога, вчера рече дека се надева на „релативно брза екстрадиција“ на Палевски од Турција.

Видете и ова: Палчо - од сомнителен градежник, нереализиран политичар, до осомничен убиец

Министерството за правда во четвртокот (7 декември) го испрати барањето за негова екстрадиција, откако претходно за Палевски беше распишана и меѓународна потерница.