Навални е „исчезнат“ веќе три дена, предупредуваат приврзаниците на рускиот опозициски лидер

Опозицискиот лидер Алексеј Навални

Поддржувачите на затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални велат дека немаат контакт со него веќе три дена.

Претседателката на неговата антикорупциска фондација Марија Певчик во петокот на мрежата „Икс“ напиша дека „Навални го нема веќе три дена“.

Животот на Навални е во голема опасност“, напиша таа. „Тој сега е во целосна изолација“.

Во објава на Инстаграм во петокот, Руслан Шавединов, исто така од истата фондација, напиша дека последната информација за Навални е дека му се слошило во затворската ќелија откако бил подложен на тешки услови, вклучувајќи ограничена храна, недостаток на вентилација и минимално време потребно за рекреација.

„Единствената заштита за Навални е публицитетот“, напиша Шавединов.

Видете и ова: Навални- Путин ако победи ќе ја уништи Русија

Соработничката на Навални, Кира Јармиш, во петокот на мрежата „Икс“ напиша дека адвокатите на опозицискиот лидер цел ден чекале надвор од затворот без дозвола да го посетат својот клиент.

Таа рече дека неговите сојузници не добивале писма од него повеќе од седум дена, што според неа е невообичаено.

„Нашите писма до него исто така не беа доставени“, напиша таа.

За време на петочното рочиште, Навални не беше поврзан со видео врска, поради, како што изјавија затворските власти, технички проблеми.

Поддржувачите на Навални во четвртокот започнаа кампања против обидот на претседателот Владимир Путин да обезбеди петти претседателски мандат на изборите во Русија во март 2024 година.

Навални ги повика Русите да гласаат против Путин на изборите.

Видете и ова: Претседателски избори во Русија: Промени или нов мандат за Путин

Водечка руска опозициска личност отслужува 19-годишна затворска казна откако беше осуден за создавање „екстремистичка“ организација, обвиненија за кои нашироко се верува дека се одмазда за неговата политичка активност.

Тој беше сместен во самица повеќе од 20 пати од почетокот на затворската казна во февруари 2021 година.