ЕУ ќе ги повика сите земји од Западен Балкан да воведат санкции кон Русија

Знамињата на ЕУ и државите од Западен Балкан за време на самитот во рамки на Берлинскиот процес во Тирана на 16 октомври 2023 г.

На заеднички самит следната недела, Европската унија (ЕУ) јасно ќе побара од земјите од Западен Балкан целосно да се усогласат со политиката на санкции против Русија.

Во нацрт-декларацијата што треба да се усвои на крајот на самитот се наведува дека усогласувањето со политиките на ЕУ е јасен знак за стратешката ориентација на партнерите, сега повеќе од кога било, во контекст на руската агресивна војна против Украина и другите безбедносни предизвици.

Шефовите на држави и влади на земјите-членки на ЕУ на 13 декември ќе се сретнат со колеги од шесте земји од регионот на редовниот годишен самит ЕУ-Западен Балкан.

„Заедничката визија за иднината вклучува заеднички вредности и заедничка одговорност. Додека ја продлабочуваме нашата соработка со партнерите, ги повикуваме да направат брз и одржлив напредок кон целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и рестриктивните мерки на ЕУ, како и да се постапат во согласност со тоа“, се наведува во нацрт-декларацијата во која Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше увид.

Видете и ова: Столтенберг предупредува на руско влијание во Западен Балкан

Во декларацијата ќе се пофалат земјите од Западен Балкан кои веќе ја покажуваат својата стратешка определба со целосно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и ќе се охрабрат „оние кои сè уште не го сториле тоа“ да го следат нивниот пример.

„Исто така, охрабруваме и подобрување на спроведувањето на рестриктивните мерки и спречување на нивно заобиколување“, велат лидерите на ЕУ во завршната декларација.

Со овој документ треба да се согласат и учесниците на самитот од регионот.

Повик за Косово и Србија

Посебен дел во завршната декларација се однесува на процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово. Како што е наведено во нацртот, се нагласува дека ЕУ очекува Приштина и Белград да се ангажираат конструктивно со цел брз напредок во нормализацијата на односите. Се констатира дека тоа е клучно за безбедноста и стабилноста на целиот регион и за да се осигури дека двете страни можат да напредуваат на европскиот пат.

Двете страни ќе бидат повикани, без дополнителни одложувања или предуслови, целосно да го имплементираат Договорот за патот на нормализација и неговиот анекс за имплементација, договорени во февруари и март оваа година, како и сите претходни договори.

„Исто така, очекуваме страните да продолжат со континуираните напори за деескалација во согласност со барањата на ЕУ и да се воздржат од унилатерални и некоординирани дејствија кои би можеле да доведат до дополнителни тензии и насилство, како и од реторика која не води кон нормализација на односите“, ќе предупредат лидерите на ЕУ преку декларацијата што треба да биде усвоена на крајот од самитот.

Трајни решенија за билатерални спорови

Во завршната декларација ќе се нагласи потребата од посветеност на партнерите од Западен Балкан за инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи, вклучително и со земјите-членки на ЕУ.

Во овој контекст, ЕУ ја нагласува важноста од постигнување дефинитивни и трајни решенија за билатералните спорови и прашања на партнерите кои се вкоренети од минатото, се наведува во нацрт-декларацијата, во која се повикуваат земјите од регионот да гарантираат правата и еднаквиот третман на малцинствата.

Реформи кои ќе го забрзаат пристапувањето во Унијата

Со оваа декларација, ЕУ повторно ќе ја потврди својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во Унијата и ќе ги повика земјите од регионот да го забрзаат процесот на пристапување, заснован на кредибилни реформи, фер и ригорозни условувања и на принципот на сопствените заслуги.

„Проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот“, се наведува во нацрт-декларацијата.

Видете и ова: Чешка и Словачка против укинувањето на ветото во ЕУ, но „за“ проширувањето со земјите од Западен Балкан



Во документот, исто така, се поздравува и определбата на земјите од регионот да ги почитуваат и да се посветат на клучните европски вредности и принципи. Нагласена е и потребата од одржливи и неповратни реформски достигнувања во областите на владеење на правото, функционирањето на демократските институции, економијата и реформата на јавната администрација.

ЕУ ќе ја потврди својата посветеност за забрзување и натамошно продлабочување на својот политички ангажман со Западен Балкан, меѓу другото, преку одржување на редовни самити ЕУ-Западен Балкан, учество на партнерите од Западен Балкан на настани на високо ниво на ЕУ и редовни дијалози за заедничките надворешни и безбедносни политики во мултилатерални форуми.

Дваесет и седум лидери од земјите на ЕУ и шест нивни колеги од Западен Балкан усвоија заедничка декларација во Тирана на 6 декември минатата година, со која се потврди целосната и недвосмислена посветеност на ЕУ за перспективата за членство на Западен Балкан во Унијата.

Одржувањето редовни годишни самити меѓу ЕУ и земјите од регионот стана практика од 2020 година. ЕУ, исто така, редовно ги поканува претставниците на овие земји на различни состаноци на министерско ниво.