Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска ( 21 ноември) пристигнува во Скопје во дводневна посета во рамки на неговата турнеја во земјите од Западен Балкан.
Според агендата, Столтенберг ќе ја започне посетата во Владата проследена со заедничка прес-конференција со неговиот домаќин, премиерот Димитар Ковачевски. Генералниот секретар на НАТО, потоа ќе се обрати и пред пратениците во Собранието, во рамки на 132-та седница, по што ќе биде примен од Претседателот Стево Пендаровски во неговиот Кабинет.
В среда (22 ноември) во Скопје ќе се одржи неформалниот лидерски состанок на НАТО сојузниците од регионот.
Столтенберг - Извршителите на нападот во Бањска мора да одговараат
Пред да пристигне во Скопје, Столтенберг беше во посета на Белград каде се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој оттаму порача дека извршителите на нападот во Бањска мора да бидат изведени пред лицето на правда.
„Сметам на двете страни да ги намалат тензиите и да се воздржат од ескалација на дејствијата“, рече тој на заедничката прес-конференција со Вучиќ.
Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија по нападот на вооружена група врз косовската полиција во селото Бањска на северот на Косово на крајот на септември, кога еден полицаец беше убиен, а неколкумина беа ранети. Тројца српски напаѓачи потоа беа убиени во размената на оган.
Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, која ја има поддршката од Белград, а во меѓувреме е ставен и на црната листа на САД, додека косовските власти го поврзуваат со убиства, корупција и заплашување сведоци во судски постапки.
„Трупањето сили на српската армија во близина на границата со Косово нема да помогне да се смири ситуацијата“, додаде Столтенберг при неговиот престој во Белград.
Во изминатиот период Србија во неколку наврати распоредуваше војници во близина на границата со Косово, последен пат по нападот во Бањска, но по дипломатската интервенција на Западот, ја повлече војската.
Столтенберг додаде дека КФОР, воената мисија на НАТО на Косово, го спроведува својот мандат и ќе обезбеди мирна средина и слобода на движење за сите заедници.
Тој додаде дека со Вучиќ разговарал за рестартирање на заедничките вежби на вооружените сили на Србија со силите на НАТО.
„Ова не ја нарушува неутралноста на Србија, Србија јасно стави до знаење дека останува воено неутрална, надвор од воените блокови“, оцени тој, додавајќи дека Србија е важен регионален актер и долгорочен партнер на НАТО и дека добар пример за соработка е учеството на Србија во програмата Партнерство за мир.
Србија ги прекина меѓународните воени вежби по почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година.
НАТО го засилува военото присуство на Балканот
Пред да отпатува за Белград, Столтенберг беше во Приштина, каде рече дека зголемувањето на военото присуство на Косово за 1 000 војници покажува колку сериозно Алијансата го сфаќа насилството што избувна во Косово во последните месеци.
Столтенберг на прес-конференција со претседателката на Косово, Вјоса Османи, ја истакна важноста на стабилноста на Западен Балкан. Тој го поздрави и новиот предлог-статут за формирање Заедница на општини со српско мнозинство.
„Воспоставувањето на Заедницата ќе биде клучен чекор кон нормализирање на односите и кон одржлив мир во регионот“, рече Столтенберг.
Косово: Целта на Русија да разгори криза во дворот на ЕУ
Косовската претседателка Вјоса Османи на 20 ноември оцени дека руското влијание на Западен Балкан може да се гледа од три аспекти - пропаганда, воена соработка на Русија со Србија и политичка поддршка за официјален Белград „со цел да се дестабилизира регионот“.
„Кога овие три аспекти ќе се спојат, многу е јасно дека е во интерес на Русија да отвори уште еден фронт против Западот. И, се разбира, овој фронт сака да се отвори во делови од Европа кои се уште не се дел од НАТО“, рече таа по средбата со Столтенберг во Приштина.
Косовските власти редовно предупредуваат дека Русија преку Србија се обидува да го дестабилизира Косово, но и земјите од Западен Балкан.
Кои точки на Западен Балкан се најподложни на руско влијание?
Косовскиот премиер Албин Курти рече дека Русија има за цел да разгори криза „во дворот на Европската унија“ и на тој начин да го „одвлече вниманието“ на НАТО.
На 19 ноември тој на Фејсбук изјави дека „заканата од Русија и Србија за регионалната стабилност, мир и безбедност“ станува се повидлива. Косовските власти тврдат дека Русија е „вмешана“ во бројни кризи на северот на Косово, каде живее мнозинско српско население.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, на крајот на септември изјави дека Косово ја истражува евентуалната вмешаност на Русија во нападот врз полицијата во Бањска кај Звечани.
По нападот во Бањска, косовската полиција конфискуваше големо количество оружје, а министерката Свечља рече дека е пронајдено и руско оружје, опрема и документи кои укажуваат на вмешаност на Русија. Косовските власти ја усогласија својата политика со западните земји кога станува збор за санкциите против Русија поради нејзината агресија врз Украина.
Иако Русија има свои дипломати во Косово од 2005 година, кога беше отворена Канцеларијата за врски во Приштина, многу малку се знае за нивните активности.
Зеленски ја иницираше дискусијата за подложноста на Западниот Балкан на руско влијание
Дискусијата за тоа колку кревка стабилноста на овој дел од Европа може да се доведе во прашање беше иницирана минатата недела од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за да неговите тврдења беа поддржани неколку дена подоцна, од првиот човек на НАТО Столтенберг за време на неговата прва посета на БиХ.
Лидерите од Западен Балкан не ја коментираа изјавата на украинскиот претседател, додека претставниците на Европската унија (ЕУ) потврдија дека ја делат загриженоста на Зеленски за негативното влијание на Русија.
„Имаме информации и веќе некое време ги следиме овие активности на Русија, така што имаме целосна слика и свесни сме што Русија се обидува да направи“, изјави на прес-конференција портпаролот на ЕУ, Петер Стано.
Шефот на НАТО го посети и Сараево пред Приштина, каде изрази загриженост за сецесионистичката реторика на поделба и руското влијание. Од Сараево, како прва станица на неговата тридневна балканска турнеја, и главен град на земјата што тој самиот ја класифицира во ноември 2022 година, заедно со Молдавија и Грузија, меѓу загрозените поради акциите од Москва, Столтенберг изрази загриженост за руското влијание без да прецизира на која конкретно од земјите од Западен Балкан се мисли.
„Тоа се заканува да ја поткопа стабилноста и да ги ослабне реформите. Сите лидери мора да работат на напредок. Тоа е исклучително важно за нас и ние сме посветени на безбедноста и стабилноста на овој регион, во вашата земја која е од големо значење за регионот на Западен Балкан и затоа го продлабочуваме нашиот политички дијалог и нашата практична соработка“, рече Столтенберг.
Тој порача дека „сојузниците силно го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“.
Во исто време, Стејт Департментот објави дека Вашингтон работи со земјите од Западен Балкан и европските партнери за подобрување на владеењето на правото и реформите „кои ќе ја намалат можноста за злонамерно руско влијание“.
Цингел: Малку е веројатен вооружен конфликт
Извршниот директор на невладината организација Стратегиска анализа во Братислава, Јан Цингел за РСЕ изјави дека е малку веројатен вооружен конфликт меѓу земјите од Западен Балкан.
„Она што е веројатно најголемата непосредна закана, или она што може да се разгори во регионот, се различни активности во рамките на еден вид хибридна војна“, рече тој.
Како што појасни, тоа значи операции на мали групи, кои имаат одредена политичка агенда, „како што можевме да видиме во случајот со Бањска во септември“.
Страв од инцидент во БиХ како оној во Бањска
Во изјава за РСЕ, Цингел посочува дека инциденти како оној во Бањска може да се повторат или на Косово или во Република Српска или во некои други делови на Босна и Херцеговина, особено во областа Брчко, која претставува „многу ранлив и нестабилен“ дел од БиХ.
Тој вели дека тоа се операции на помали групи кои имаат политички агенди, а на кои можат да влијаат регионалните актери или дури и Русија.
„Знаеме дека Русија има свои претставници и се обидува да влијае на развојот на настаните во Западен Балкан преку поддршка на некои од субјектите или актери, како што е, на пример, Милорад Додик во Република Српска“, рече Цингел.
Русија во БиХ: Додик, културна соработка, гас и нафта
Влијанието на Русија во Босна и Херцеговина, меѓу другото, се одразува и преку постапките на прорускиот претседател на Република Српска Милорад Додик, културната соработка со институциите главно со седиште во РС и доминацијата на енергетскиот пазар.
Од 2017 година, Додик е под санкции на американското Министерство за финансии бидејќи „претставува значителен ризик за активно попречување“ на Дејтонскиот мировен договор.
Тој трипати се сретна со рускиот лидер Владимир Путин од почетокот на руската инвазија на Украина.
Последен пат тие се сретнаа во Москва во мај, кога Додик рече дека Република Српска е „изложена на притисок од Западот“ поради нејзината поддршка за Русија.
Преку својата мисија во Брисел, БиХ поддржа неколку пакети санкции што Европската унија и ги воведе на Русија, но овие дејствија не „пуштија корен“ во пракса.
Одлуката за нивно спроведување требаше да биде потврдена од Советот на министри на БиХ, што не се случи поради противењето на министрите од Република Српска, една од двата ентитета БиХ.
Во март 2022 година, рускиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Игор Калабухов, ја предупреди Босна и Херцеговина дека Русија ќе реагира доколку земјата одлучи да стане членка на НАТО.
Србија: Нема санкции против Русија
Од друга страна, пак, благодарение на своето „традиционално пријателство“ со Русија, Србија е единствената земја-кандидат за членство во ЕУ од Западен Балкан и една од ретките во Европа која не воведе санкции кон Русија поради Украина.
Србија ја оправдува оваа политика со зависноста од рускиот гас и поддршката на Москва во непризнавањето на независноста на Косово.
Во меѓувреме, САД ја шират листата на санкционирани лица од Србија поради „малигното руско влијание“.
Така, во јули беше санкциониран поранешниот директор на безбедносно-информативната агенција БИА, Александар Вулин. Вулин, кој поднесе оставка на почетокот на ноември, ја посети Москва и по почетокот на руската инвазија на Украина.
Покрај Вулин, на листата на американски санкции кон средината на ноември се најде и поранешниот министер во две српски влади, Ненад Поповиќ, поради деловни врски со санкционирани руски компании. Поповиќ е основач и претседател на конзервативната и евроскептична Српска народна партија.
На списокот на санкционирани е и Миша Вачиќ, лидерот на проруската ултрадесничарска организација „Српска десна“. Тој во септември 2022 година, беше набљудувач на референдумот за припојување на окупираните украински региони кон Русија, што не е признаено од меѓународната заедница.
Српскиот претседател Александар Вучиќ последен пат се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во октомври во Кина на меѓународниот форум на кинеската иницијатива „Појас и пат“, а пред агресијата врз Украина тие се сретнаа неколку пати во Белград и Москва.
За време на неговата посета на Белград во јануари 2019 година, Путин беше пречекан од повеќе од 100.000 граѓани на покана на владејачката Српска напредна партија.
Предупредувања дојдоа и во Србија поради руско-српскиот хуманитарен центар кој повеќе од 10 години се наоѓа во Ниш на југот на Србија. Европската комисија во својот последен извештај побара објаснување од Белград за активностите на тој центар.
И Србија набавува оружје од Русија.
Каналите преку кои Русија го врши своето влијание во Србија се рускиот државен медиум РТ (поранешен Русија денес) и Спутник. Како медиуми под контрола на Кремљ и финансирани од државниот буџет, им е забрането емитување во ЕУ од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.
Црна Гора е подложна на руско влијание
Ставањето на бизнисменот и политичар Миодраг Дака Давидовиќ на американската црна листа и воведувањето санкции е последниот случај во кој западните партнери укажуваат на постоење на руско влијание врз Црна Гора.
„Неговите коруптивни активности ги овозможија напорите на Русија да ја поткопа независноста на демократските институции и судството во земјата, вклучително и нејзините напори да влијае на изборните резултати“, соопшти американското Министерство за финансии.
Претходно, во Резолуцијата за Црна Гора, која беше усвоена во средината на октомври, Европскиот парламент изрази сериозна загриженост за злонамерното странско мешање.
Европскиот парламент, како што е наведено, ги осудува напорите на „Русија да ги искористи етничките тензии во Црна Гора со цел да потпалува конфликти, да ги подели заедниците и да шири погрешни информации во обид за дестабилизација.