Достапни линкови

Кристофер Хил за РСЕ: Прерано е да се каже дека дијалогот меѓу Србија и Косово е неуспешен


Фотографија од интервјуто со Христофер Хил, амбасадор на САД во Србија
Фотографија од интервјуто со Христофер Хил, амбасадор на САД во Србија

Хил во интервјуто за Радио Слободна Европа ден по состанокот на премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ со европските претставници во Брисел, рече дека не очекувал „целосен успех“ на тие преговори, па неговото очекување е повторно седнување на преговарачка маса.

Прерано е да се каже дека дијалогот меѓу Србија и Косово е неуспешен, изјави амбасадорото на Соединетите Американски Држави(САД) во Србија, Кристофер Хил.

Хил во интервјуто за Радио Слободна Европа (РСЕ), ден по состанокот на премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ со европските претставници во Брисел, рече дека не очекувал „целосен успех“ на тие преговори, па неговото очекување е повторно седнување на преговарачка маса.

„Сега ни останува да видиме (продолжение)“, оцени тој.

Целта на дијалогот е, како што истакна, политички решение кое од двете страни очекува „земање и давање“.

„Можеме ли да дојдеме до ситуација Србите на Косово да се чувствуваат пријатно и да добијат некој вид Заедница на општини со српско мнозинство. И второ, може ли Приштина да го постигне тоа што го сака, а тоа е јасен пат кон членство во меѓународните организации“, рече Хил.

Тој нагласи дека вооружениот напад на косовската полиција во Бањско е голема пречка за преговорите во Брисел.

Според неговите зборови, САД внимателно ги следат истрагите во Белград и во Приштина.

„Фокусот е на тоа да дознаеме што точно се случило, кој е одговорен. И на крајот, да направиме околности во кои тоа веќе не може да се повтори“, нагласи американскиот амбасадор.

Враќање на суштината на дијалогот

РСЕ: Да почнеме од вчерашните состаноци во Брисел. Се чини дека се завршени без успех. Дали очекувавте таков исход?

Хил: Не очекував целосен успех, но секако очекував дека ќе биде направен напор страните да се вратат на она што се суштински елементи на дијалог. И мислам дека, во таков контекст, тоа беше важен состанок.

Двете страни дојдоа на состанокот.

Сега ни останува да видиме (продолжување на дијалогот). Меѓутоа, јасно е дека тоа не ги реши сите проблеми што остануваат.

РСЕ: И европските и американските дипломати велат дека е важно да се врати дијалогот, да се вратат двете страни, претставниците на Србија и на Косово, на преговарачка маса. Но дали е време за нов формат на дијалогот, со оглед на тоа дека овој (постоечкиот) не дава многу резултати. Како процесот би требало да изгледа?

Хил: Знаете, не би преиспитувал процес кој го покрена Европската комисија.

Мислам дека (дијалогот) доби големо внимание, на високо ниво, во Европската унија. Беше важно да се види учеството на претседателот на Франција, на канцеларот на Германија. така што мислам дека Европјаните воспоставија многу високо ниво на ангажман.

Прво прашање е содржината на дијалогот. Можеме ли да дојдеме до ситуација Србите на Косово да се чувствуваат пријатно и да добијат некој вид Заедница на општини со српско мнозинство. И второ, може ли Приштина да го постигне тоа што го сака, а тоа е јасен пат кон членство во меѓународните организации? Значи, тоа се сложени прашања, тешки проблеми, секако оптоварени од наследството.

Но, исто така се надевам дека во ова ќе има инспирации за иднината (идното решение).

Прерано е да се тврди, на некој начин, неуспех на ова. Ајде да видиме како ќе се одвива од овие позиции.

РСЕ: Но колку сме блиску до таа точка, што ја спомнавте?

Хил: Па, ќе знам кога ќе бидеме таму. Многу е тешко е да се измери колку сте блиску, кога уште не сте стигнале до целта.

Тоа што го знам е дека овој процес на дијалог е прекинат поради многу, многу тешка ситуација. Всушност, нешто навистина му наштети на целиот процес, а тоа се случувањата што се одиграа во Бањско.

Фокусот е на расветлување на случајот Бањско

РСЕ: Соединетите Американски Држави ја повикаа Србија да учествува во истрагата во штотуку спомнатиот случај бањско, Но, дали паралелните истраги во Србија и на Косово, без соработка, се добар правец за расветлување на она што се случило во Бањско?

Хил: Мислам дека поентата е да се фокусираме на тоа да дознаеме што точно се случило, кој е одговорен, зошто тоа го направиле. И на крај, да се создадат околности во кои тоа веќе не може да се повтори. Мислам дека тоа вклучува многу различни структури.

Зборуваме за тоа што КФОР, односно контингентот на НАТО мисијата на Косово, може да го направи. Како и со кои други аспекти треба да се позанимаваме.

Не е лесно, но мислам дека тоа е процес што мора да биде темелен, јасен на граѓаните и на крајот, треба да биде ефикасен, за да се осигура дека ова никогаш веќе нема да се повтори.

РСЕ: И како да се оствари таа соработка со оглед на тоа дека двете страни имаат целосно спротивставени интерпретации?

Хил: да, тоа е очигледно проблем, и затоа ви е потребно посредување за тоа да го постигнете.

Јасно е дека истрагите се во тек. Српската страна соопшти дека ќе спроведе детална истрага. Истото тоа го прави и косовската страна. Мислам дека САД тоа внимателно го следат, а се со цел да се утврди одговорност, но и тоа веќе да не се повтори.

Значи, тоа е главниот фактор. Но на крај нам ни е потребен процес на дијалог кој има за цел политичко решение.


Не смееме да го изгубиме дијалогот од вид и во таа смисла ми е драго дека господинот Лајчак (Мирослав, специјалниот претставник на ЕУ) истраја, ги собра страните, доби внимание од високите европски претставници.

Мислам дека најдобрата работа што можеме да ја направиме е да го поддржиме процесот на господинот Лајчак и да се обидеме да осигураме крајниот исход да биде успешен.

Знаете, овој процес не се случува во онаа временска рамка во која сите сакаме да се случи, а особено кога имате големи пречки како што е она што се случило во Бањско.

Политичко, а не воено решение

РСЕ: Сега, во тек на Бриселскиот процес, Приштина повика на (западни) санкции за Србија. какви би биле последиците за Србија, во случај да се утврди одговорност на власта во Белград за вооружениот напад?

Хил: Повторно, не би прејудицирал по тоа прашање. јасно е дека има многу истраги во тек, не би давал хипотетички изјави.

Сакам уште еднаш да нагласам, дека ова е проблем за кој е потребно политичко, а не воено решение.

И мора да се почитува мислењето на секоја страна и да се види дека некои од овие проблеми можат да се решат низ процес на дијалог. Не знам подобар начин тоа да се направи. Мислам дека нема да има ситуација во која едната страна може едноставно да ѝ наметне нешто на другата страна.

Треба да постои процес на давање и земање.

И мислам дека тоа е она што господин Лајчак се обидува да го направи, на што вака напорно работи. Знаете, имаше многу достигнувања во својата кариера и работи на многу тешко прашање и мислам дека ја заслужува нашата поддршка.


Ќе го следиме процесот против Радоичиќ

РСЕ: Сега и Приштина најави дека ќе бара испорачување на одговорните за нападот во Бањско, на чело со Милан Радоичиќ. Значи, со оглед на тоа дека Србија и Косово немаат соработка, немаат договор за екстрадиција, како го гледате тој процес?

Хил: Не можам баш да навлегувам во тоа што приштинската влада бара или не бара. Тоа што знам е дека господинот Радоичиќ преку својот адвокат презеде одговорност за тоа што се случило.

Значи, би сакал да видам како ќе тече процесот за господинот Радоичиќ. Колку што разбрав, тој е во Србија, речено му е да не ја напушта државата и речено му е да очекува кривичен процес. Ајде да видиме како тоа ќе се одигра.

Поради тоа, не би навлегувал во такви прашања. Но истакнувам дека мора целосно да се расветли тоа што се случило.

Исходот од дијалогот треба да биде прифатлив за двете страни

РСЕ: Како гледате на политичките пораки во врска со случајот Бањско од Белград, со оглед на тоа дека господинот (претседателот на Србија) Александар Вучиќ рече дека напаѓачите за него не се терористи и на таквото толкување на случувањата?

Хил: Знаете, прашањето кој е терорист, а кој е нешто друго, е прастаро прашање и не е првпат да се поставува.

Веќе сме виделе вакви проблеми.

И повторно, патот за напредок - и ова сите треба да го сфатат и многу подобро да го разберат - е двете страни да го стават на маса тоа што го сакаат од овој процес и тоа што го сакаат да го направат прифатливо и за другата страна.

А тука тоа вклучува давање и земање.

Никој не може да излезе од овој процес на дијалог и да каже - јас сакам се и ја терам другата страна на се да се согласи. Мислам дека луѓето исто така треба да размислат за фактот дека Косово и Србија уште долго ќе постојат.

А тоа што генерално ни е повеќе потребно во регионот е капацитет земјите подобро да работат заедно и во тој контекст, да бидат подобри кандидати за влез во ЕУ. И мислам дека ја видовме желбата на ЕУ да направи повеќе, да ги забрза сопствените процеси.

Мислам дека за Србија е важно да биде во согласност со процесот на проширување, за кој претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен зборуваше во последните недели.

Голем дел од решенијата за овие работи лежат во ЕУ, која размислува како подобро и колку брзо да ги воведе земјите како што е Србија во структурите на ЕУ. Значи, тоа е нешто што е во тек и сигурен сум дека граѓаните на Србија внимателно ќе го следат, а сигурен сум дека и српските власти токму тоа го прават.

РСЕ: Кога веќе ги спомнавте ЕУ интеграциите, постои отворено прашање во врска со санкциите кон Русија. Србија не воведува санкции, а официјалните лица многу често сакаат да нагласат дека Србија 20 месеци издржува да не воведе санкции.

Хил: Да, Србија истраја да не воведе санкции подолго отколку што руската војска издржа во некои делови на Украина.

Ведете, ова е јасен случај на агресија, страшна агресија. Агресија во која не само што Русија ги загрози своите соседи, туку веќе ги загрози и светските залихи на храна, светските залихи на енергија.

Ова навистина е нечуено однесување на Русија.

Мислам дека Србија многу јасно зборуваше за тоа. Мислам дека видовме некој вид односи во настанување. Тоа не е нов однос, туку засилување на односот што Србија го има со Украина.

Ги видовме билатералните средби на претседателите на двете земји.

А што се однесува до санкциите, знам дека тоа е многу чувствителна тема во Србија.

Мојот став, ставот на мојата земја е дека сите треба да се придружат кон санкциите против Русија. Мислам дека е најдобро Србија тоа да го сфати и така да постапува.

Значи, не сум тука да ѝ кажувам на Србија што да прави, но би ги повикал сите да гио согледаат објективните околности за напад на една земја на својот сосед, кој има за цел кражба на територии.

Тоа е голем проблем и се надевам дека сите го гледаат на тој начин.


РСЕ: Рековте еднаш дека Србија плаќа висока цена поради невоведувањето санкции. Што ѝ е скратено на Србија?

Хил: Го мислам тоа во смисла дека Европската унија очекува усогласување со надворешната политика.

И секако, ако Србија би се покренала по прашањето за санкции за Русија, мислам дека тој факт би бил ценет, затоа што Србија така повеќе би се усогласила со Европската унија.

Сакам да истакнам дека ние веруваме дека Русија треба да биде сакционирана за злосторствата што ги направи над својот сосед.

Но не сум сигурен дека е од помош јас да седам тука и да ѝ кажувам на Србија што да прави.

Србија треба сама да размисли за овие прашања, да ги разбере своите аспирации кон Европсата унија, да разбере дека тоа е иднината за Србија.

Србија нема каде да оди на друго место. Така што, се надевам дека тоа сама ќе го сфати.

РСЕ: Се продлабочуваат и врските со Кина. Во тек на последната посета на Пекинг потпишан е договор за слободна трговија. како тоа ќе се одрази на билатералните односи меѓу Белград и Вашингтон?

Хил: Србија има право да ги продолжи своите односи со други земји.

И САД имаат релации со Кина. Искрено, со Кина тргуваме многу повеќе отколку што тоа го прави Србија. Повторно, не сум тука да држам предавања за тоа што Србија треба да го направи во врска со Кина.

Можеме да видиме во медиумите во Србија настојување јавноста да се запознае со фактот дека таа соработка има добри и лоши страни.

Кога станува збор за односите на Кина со некои помали земји, било да се во Африка или во југоисточна Азија, имаше многу загриженост околу овие економски врски.

Така што, мислам дека Србија има зрелост и разбирање да се занимава со овие прашања внимателно и во интерес на Србија.

Очигледно нашите интереси повремено ги допираат овие прашања,а ние секако сме во контакт со Владата на Србија.

Но, повторно, мислам дека најдобрата надворешна политика е кога имате добри консултации, кога не се изненадувате едни со други, кога имате слободна размена на мислења и кога не мислите дека можете само да ѝ кажете на другата страна што да прави.

Таков однос ние сакаме да имаме со Србија и мислам дека работиме на тоа.


РСЕ: Кога се во прашање таа соработка и однос, имаше ли блиски врски меѓу српските претставници и луѓето кои се наоѓаат на американската црна листа од Србија и босанскиот ентитет Република Српска, отворено прашање меѓу Белград и Вашингтон?

Хил: Имавме вистински проблеми со српското раководство во Босна. Нема сомневање, тоа е голем проблем за нас. И кога гледаме некои од овие официјални лица, поединци, што направиле, какви се нивните ставови, ние имаме право да носиме одлуки што се засновани на нашите потреби и на нашата безбедност.

На некои од овие луѓе не сакаме да им дадеме визи, не сакаме да имаат свои банкарски сметки во САД. Ние искрено не сакаме да имаме ништо со нив. И ние секако имаме право, тие луѓе, во таа смисла, да ги прогласиме за „персона нон грата“.

Така и направивме со претседателот на Република Српска, Милорад Додиќ, а неодамна тоа го направивме и со неговите деца.

Ние ги нарекуваме деца, а всушност тоа се возрасни луѓе.

Многу јасно ставивме до знаење дека не сакаме да имаме работа со луѓе кои злоупотребуваат туѓи пари и кои инаку се однесуваат на начин за кој сметаме дека не е во согласност со какви било стандарди.

Ние ќе преземеме мерки да се заштитиме од такви луѓе.

РСЕ: Дали мислите дека Белград истражува многу сериозни наводи кои се наоѓаат во објаснувањата за санкциите од американското Министерство за финансии?

Хил: Знам дека Белград секако има свое мислење за овие прашања.

Зборувам за санкциите за официјалните лица на Република Српска, кои адекватно се осмислени за луѓе кои на многу различни начини предизвикаа огромни проблеми, почнувајќи од фактот дека не го поддржуваат Дејтонскиот мировен договор.

Дејтонскиот мировен договор беше многу добра работа за српскиот народ во Босна. И белградските власти тоа повеќе пати го зборуваа, како и дека го поддржуваат територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.

Значи, кога ги гледаме тие луѓе во БиХ, кои и да се, како и во која било земја, сметаме дека имаме право да преземеме мерки против нив, таквите луѓе да ги држиме подалеку од нашите територии и да се погрижиме да не работат со нас.

Значи, тоа е основата на овие санкции.


Поглед кон денес од перспективата на 90-тите години

РСЕ: Многу долго сте присутни на овие простори, а многу политичари и партии кои дејствуваа во 90-тите години, дејствуваат и сега во регионот и во Србија. Дали ви беше полесно да разговарате со нив тогаш, или сега?

Хил: Јас ги застапувам интересите на САД и верувам дека на интересите на САД најдобро служат добро информираните дипломати. така што, разговарам со сите со кои можам, бидејќи во многу мислења ќе научите некои работи.

Не се обидувам да се ограничам на разговор само со одредени луѓе бидејќи други така сакаат. јас сам ќе одлучам со кој ќе разговарам.

XS
SM
MD
LG