Поранешната обвинителка и шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Вилма Русковска смета дека случајот со свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот велешки фризер Панче Жежовски, не смее да добие политичка конотација.
„Не мислам дека сето ова може да добие политичка конотација и не би смеело да добие, затоа што се работи за две грозоморни убиства, особено ако се има предвид дека едно од жртвите е 14-годишно дете“, изјави Русковска денеска (8 декември) по настанот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“.
Таа додава и дека истрагата допрва треба да утврди која е вистинската заднина на случајот.
Видете и ова: Палчо во притвор за партиската годишнина – Во Турција или во Шутка?Нејзините очекувања се и сето ова предвид да го имаат и турските власти кои се очекува да го екстрадираат првоосомничениот Љупчо Палевски – Палчо кој беше уапсен на 5 декември кај градот Баликесир.
„Сметам дека и колегите во Турција, односно судиите, кои ќе ги разгледуваат доказите и ќе одлучуваат по екстрадицијата, ќе го имаат сето ова предвид“, вели Русковска.
Барањето за екстрадиција на Палчо беше експресно подготвено и испратено вчера до турските власти.
Палевски во истрагата е осомничен за по две кривични дела грабнување и убиство, а како соизвршнители со него се гонат уште три лица кои се наоѓаат во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. Во Шутка се наоѓа и таткото на Вања, кој според првичните сознанија, на Палевски му давал информации кога девојчето ќе биде само.
Видете и ова: Палчо - од сомнителен градежник, нереализиран политичар, до осомничен убиецИсчезнувањето на велешкиот фризер беше пријавено на 22 ноември, а на девојчето Вања на 27 ноември. Денот на грабнување, според првичните искази на осомничените, се смета и за денот кога таа била убиена.
Палевски државата ја напушти на 30 ноември патувајќи со неговиот адвокат кон Белград. Адвокатот, кој во изјава за медиумите кажа дека осомничениот му рекол дека треба да оди на преглед во Србија, беше задржан во полиција, но засега тој не е осомничен бидејќи обвинителството оценило дека во моментов не постојат законски основи за тоа и за барање мерки за негово обезбедување. Сепак, рекоа од обвинителството, проверките за неговата евентуална инволвираност ќе продолжат.
Во меѓувреме, вториот возач на Палевски, кој го возеше од Србија, преку Бугарија кон Турција, доби 30-дневен притвор. За него вчера скопското обвинителство соопшти дека отворило истрага за „помагање на сторител по извршено кривично дело“.
Видете и ова: Обвинителство отвори истрага против возачот на Палевски„Осомничениот, по претходна комуникација и договор со сторителот кој се наоѓал во Србија, со возило ’ланд ровер‘ со струмички регистарски ознаки, сопственост на правно лице, се упатил кон Белград. Таму се сретнал со сторителот и заедно со возилото се упатиле кон границата на Србија со Бугарија – граничен премин ’Калотина‘. Границата ја поминале на 02.12.2023 година, па движејќи се низ територијата на Бугарија истиот ден пристигнале на границата со Турција, граничен премин ’Капитан Андреево‘, и влегле во Турција“, соопшти обвинителство на 7 декември.
Возачот го оставил Палевски во Турција, и преку Грција се вратил во земјава каде беше приведен при влез на граничниот премин ’Стар Дојран‘.