Достапни линкови

Палчо во притвор за партиската годишнина – Во Турција или во Шутка?


Илустрација - Љупчо Палевски - Палчо, осомничен за двојно убиство
Илустрација - Љупчо Палевски - Палчо, осомничен за двојно убиство

Почна постапката за екстрадиција. Политиките на Десна преку Палевски беа само омраза кон етнички групи, вели претседателот Пендаровски и не го чуди што таква реторика претходела на убиствата на Вања и велешкиот фризер. Mинистерот Спасовски, повика на дерегистрација на „криминалното гнездо „Десна“.

Сопствениот роденден на 12 декември, но и првата годишнина од основањето на својата партија „Десна“ на истиот датум, Љупчо Палевски – Палчо ќе ги дочека во притвор. Прашањето е каде – во екстрадициски во Турција или во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.

Како првоосомничен за грабнувањата и убиствата на малолетничката Вања Ѓорчевска и велешкиот фризер Панче Женовски, Палевски вчера попладне (5 декември) беше уапсен во градот Балибекир во Турција. Министерството за правда очекува тој експресно да биде екстрадиран во земјава, побара турските влади да го задржат во притвор и најави брзо постапување.

Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Скопје попладнево (6 декември) објавија дека го изготвиле барањето и го доставиле до Министерството за правда кое официјално треба да го испрати. Таму, министерот Кренар Лога набргу го потпиша барањето.

Министерот за правда Кренар Лога попладнево го потпиша барањето за екстрадиција
Министерот за правда Кренар Лога попладнево го потпиша барањето за екстрадиција

„Во координација сме со сите засегнати институции за да постапиме веднаш и нема да чекаме да измине рокот од 40 дена за да го доставиме барањето за екстрадиција“, рекоа претходно од Министерството за правда.

Оптимистичките најави се дека барањето би можело да биде испратено уште денеска.

Превод на документите на турски, па пратка по ДХЛ

Дел од пакетот документи кои заедно со барањето го стокми обвинителството, се наредбата за истрага против Палевски, решението за притвор, наредбата за меѓународна потерница.

„На турските власти ќе им бидат посочени и применетите одредби од Кривичниот законик во кои е содржан законскиот назив и обележјата на кривичното дело за кое се води истрагата и други релевантни одредби од македонското законодавство“, велат од Обвинителството.

Сите документи, како што посочија од Министерството за правда, до турските власти ќе се достават откако ќе се преведат на турски јазик. Тие електронски ќе се испратат преку Интерпол, но и физички преку логистичката компанија ДХЛ.

Откако Турција ќе одлучи, преземањето на Палчо ќе треба да се реализира преку канцелариите на Интерпол во рамки на министерствата за внатрешни работи. Двете држави имаат воспоставено соработка за екстрадиција, а имаат и меѓусебен Договор за правна соработка во граѓанските и кривичните предмети.

Доколку биде екстрадиран, Палевски во земјава ќе биде пречекан со судско решение за 30-дневен притвор и ќе биде пренесен во Шутка. Таму веќе се наоѓаат тројцата осомничени соизвршители во грабнувањата и свирепите убиства. По првичниот 48-часовен притвор, тие од вчера и официјално се под истрага со што добија нови притвори од по 30 дена. Осомничен за помагање во грабнувањето, заедно со нив е и таткото на Вања, кој според првичните сознанија, на Палевски му давал информации кога девојчето ќе биде само.

„Десна“ ги спојува осомничените – може ли да згасне?

Случајот со свирепите убиства на малолетничката од Скопје и фризерот од Велес предизвика гнев кај најголемиот дел од јавноста, но на социјалните мрежи кружат и објави за поддршка на Палевски. Таков пример е и фан-страница што осамна по вчерашната информација за апсењето во Турција, а преку која се бара правда и за жртвите и за Палчо. На оваа страница на Фејсбук се шири теорија дека Палевски е наместен и слични конспирации.

Видно од активностите на профилите поддржувачи на ваквите тврдења, е дека заедничко со осомничените за убиствата им е партијата „Десна“. Станува збор за екстремно десничарка партија која промовира радикални идеи и се бори против „предавствата“, се противи на евроатлантската интеграција, а се залага за зближување со Русија. Се работи за партија која досега практично беше непозната во јавноста.

„Чист, современ македонски национализам“ е слоганот кој го промовира „Десна“, а се претставува и како блиска до црквата залагајќи се во последниот период за неменување на името „Македонската православна црква – Охридска архиепископија“.

Оваа партија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера ја нарече „криминално гнездо“ и порача дека мора да се дерегистрира.

За говорот на омраза и од партијата и од Палевски денеска (6 декември) шефот на државата Стево Пендаровски рече дека иако со децении тој е познат по таквата реторика, никој ништо не направил за да го санкционира.

„Политиките на неговата партија низ негова уста беа само омраза кон одредени етнички заедници кои живеат тука. Не ме чуди дека на таква реторика која претходеше на злосторот сега се налепуваат други со слична структура, политичари или јавни личности – сеедно, или луѓе активни на социјалните мрежи кои само го продолжуваат тоа што тој го правеше со години и години и системот не реагираше на тоа за жал“, вели Пендаровски.

Љупчо Палевски на првиот конгрес на Десна
Љупчо Палевски на првиот конгрес на Десна

Спасовски, пак, кој не штедеше зборови, обвини и за влијанија однадвор преку партија како оваа, со цел да се направи дестабилизација во државата.

„Не знаеме лицето и таа партија какви ставови застапуваат? Не знаеме кои беа и што правеа во изминатиот период? Не знаеме за неговите емисии во коишто директно се спротивставуваа на напредокот на државата?“, им рече синоќа Спасовски на новинарите кога го прашаа за какво странско влијание мисли.

Полицијата веќе направи претрес во просториите на „Десна“, но досега не е познато дали парите кои требало да бидат изнудени со грабнувањето на Вања биле наменети и за партиски цели.

Солзи, цвеќе и свеќи за Вања пред училиштето „Ј.Х.Песталоци“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:31 0:00

Постоењето на оваа и на сите останати партии во државата е регулирано со Законот за политички партии. Во него е наведено дека програмата, статутот и дејствувањето не може да им бидат насочени кон уривање на уставниот поредок, поттикнување или повикување на воена агресија, разговорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.

По отворањето на бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, се направија законски измени кои ги опфатија и политички партии, па беше додадено дека тие не смеат да бидат насочени и кон етничка нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и третиот рајх.

Токму дејствувањето спротивно на овие одредби е еден од основите на кои може да се повика јавен обвинител и да побара од судот некоја партија да биде избришана од судскиот регистар.

Од Скопје до Баликесир – Рутата на Палчо

Освен изјавата на Спасовски, досега нема друга информација за евентуалната иднина на партијата Десна на Палевски со која тој планираше настап на следните парламентарни избори.

Наместо со кампања, извесно е дека Љупчо Палевски во земјава сега го чека судски процес. Тој се обиде да го избегне поминувајќи преку три држави, но го спречи турската полиција.

Палевски земјава ја напуштил на 30 ноември. Тоа е три дена по убиството на Вања Ѓорчевска кое, според исказите на останатите осомничени, се случило претпладнето на 27 ноември претпладне односно по помалку од три часа од моментот на грабнување.

Осомничениот Палевски излегол од државата со возило „шкода“ заедно со неговиот адвокат Васко Стојков кој во изјава за медиумите тврдеше дека осомничениот му рекол оти треба да оди на лекар во Белград. Таму, според траекторијата што ја соопшти МВР, бил оставен во хотел, а наредниот ден со лице од Скопје со џип „ренџ ровер“ преку граничниот премин „Градина“ влегол во Бугарија.

Со истото возило и сопатник ја поминал бугарската територија и преку преминот „Капитан Андреево“ влегол во Турција, каде се стационирал во градот Баликесир. Според оперативните сознанија на полицијата, Палчо сакал да замине во Истанбул.

„Се подготвува со такси-возач да оди во Истанбул и тука има негово симулирање дека ќе оди и повторно се враќа назад во Баликесир“, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски доцна синоќа (5 декември) на вонредна прес-конференција.

Камуфлажата пропаднала и вчера попладне турската полиција го уапсила додека се движел пешки по еден од автопатите во Баликесир.

Возачот кој го превезувал до Турција е 46-годишен скопјанец кој вчера беше приведен на граничниот премин Дојран. Тој доби краткотраен притвор од 48 часа и до моментот на објавување на овој текст нема официјална информација дали и против него ќе биде поднесена кривична пријава и за кое дело.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG