Учениците од сите возрасти чувствуваат дека нивната безбедност е загрозена, а воедно и нивниот комфор како млади, велат од Сојузот на средношколци по последниот случај со грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска која беше ученичка во Основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во скопската Општина Центар.
„Апелираме во овој период интензивно да се внимава на менталното здравје, особено во училиштата како исклучително важна средина погодена од овој настан“, велат од Сојузот на средношколци додавајќи дека немаат достојни зборови за да ја опишат тагата и потресеноста за овој случај.
Оваа трагедија, нагласуваат, ќе ни служи како сурова лекција за попретпазливост, емпатија и сплотеност.
Видете и ова: Отворени очи и искрен разговор со децата за траумите по убиството на ВањаПокрај чувството на небезбедност, од Сојузот ги потенцираат дополнителниот страв и паника предизвикани од информациониот хаос во медиумите и социјалните мрежи.
„Нашата медиумска неписменост, иако е детска и невина, има сериозни последици кои го влошуваат и пролонгираат ефектот на ваквите немили настани откако ќе се случат. Покрај информационата криза, согледавме дека не само младите, туку мнозинството граѓани се во бунило како да го искажат својот гнев и ефикасно да дејствуваат во пракса. Евидентно е дека има силен револт и дека тој е широко присутен, но сè уште на видик нема позитивна промена во реалноста како одговор. Веруваме дека ова се должи на ниското ниво на запознатост со демократскиот систем, процеси и движења“, велат од Сојузот на средношколци.
Затоа, тие апелираат надлежните да ги разгледаат нивните предлози за изучување на медиумската писменост во училиштата.
Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември кога била грабната утрото кога тргнала на училиште.
Видете и ова: Палчо во притвор за партиската годишнина – Во Турција или во Шутка?Нејзиното тело, во близина на Скопје беше пронајдено на 3 декември. Осомничените за убиството на Вања се осомничени и за убиството на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, кој беше пријавен за исчезнат на 22 ноември. Неговото тело беше пронајдено во близина на Велес.
Првоосомничен за грабнувањата и свирепите убиства е Љупчо Палевски – Палчо, кој беше фатен во Турција и во моментов во тек е постапка за негова екстрадиција. Како соизвршители се гонат уште три лица, а на листата осомничени е и таткото на Вања кој според првичните сознанија, на Палевски му давал информации кога девојчето ќе биде само.