Истрага е отворена против човекот кој го превезувал првоосомничениот за двојното убиство Љупчо Палески - Палчо од Србија до Турција, соопшти Основното јавно обвинителство. Во нивното соопштение е наведено дека возачот приведен и осомничен дека сторил кривично дело „ помагање на сторител по извршено кривично дело“.
Како првоосомничен за грабнувањата и убиствата на малолетничката Вања Ѓорчевска и велешкиот фризер Панче Женовски, Палевски на 5 декември беше уапсен во градот Балибекир во Турција.
Осомничениот Палевски излегол од државата со возило „шкода“ заедно со неговиот адвокат Васко Стојков кој во изјава за медиумите тврдеше дека осомничениот му рекол оти треба да оди на лекар во Белград. Таму, според траекторијата што ја соопшти МВР, бил оставен во хотел, а наредниот ден со лице од Скопје со џип „ренџ ровер“ преку граничниот премин „Градина“ влегол во Бугарија.
Со истото возило и сопатник ја поминал бугарската територија и преку преминот „Капитан Андреево“ влегол во Турција, каде се стационирал во градот Баликесир. Според оперативните сознанија на полицијата, Палчо сакал да замине во Истанбул.
Видете и ова: Палчо во притвор за партиската годишнина – Во Турција или во Шутка?Во соопштението на Обвинителството е наведено дека возачот е приведен на граничниот премин Стар Дојран откако преку Грција се обидел да влезе во земјава. Надлежниот обвинител доставил предлот за мерка притвор за осомничениот возач на Палески.
Во соопштението е наведено дека адвокатот кој од Скопје го превезувал Палески до Белград бил задржан во полициска станица 24 часа.
„ Јавен обвинител оцени дека во овој момент не постојат законски основи да бидат предложени мерки на обезбедување, меѓутоа проверките за негова евентуална инволвираност во кривично-правен настан продолжуваат,“се вели во соопштението.
Во притвор за киднапирањето и убиството на Ѓорчевска се четворица осомничени, меѓу кои е и нејзиниот татко.
Вања Ѓорчевска беше киднапирана и убиена заради изнуда на пари, како што кажаа министерот Оливер Спасовски и јавниот обвинител Гаврил Бубевски на 4 декември. Нејзиното тело беше пронајдено по седумдневна потрага, ден претходно, на 3 декември, во близина на скопското село Бразда.
Истиот ден (3 декември) беше пронајдено и безживотното тело на пензионерот Панче Жежовски од Велес. Според Спасовски, неговото убиство не е поврзано со убиството на Вања, туку неговото возило, кое подоцна беше запалено, било користено за грабнување на Вања.