Министерството за правда го испрати барањето за екстрадиција на осомничениот за двојно убиство Љупчо Палевски - Палчо. Во соопштението на Министерството е наведнео дека барањето за екстрадиција преку министерството за надворешни работи ќе биде доставено по дипломатски пат до турските власти.
Дополнително верзија е испратена и до Интерпол.
„Очекуваме соработка со правосудните органи на Република Турција, навремено процесуирање и постапување од нивна страна во најкус можен рок“, се вели во соопштението.
Како првоосомничен за грабнувањата и убиствата на малолетничката Вања Ѓорчевска и велешкиот фризер Панче Женовски, Палевски на 5 декември беше уапсен во градот Балибекир во Турција.
Видете и ова: Палчо во притвор за партиската годишнина – Во Турција или во Шутка?Откако Турција ќе одлучи, преземањето на Палчо ќе треба да се реализира преку канцелариите на Интерпол во рамки на министерствата за внатрешни работи. Двете држави имаат воспоставено соработка за екстрадиција, а имаат и меѓусебен Договор за правна соработка во граѓанските и кривичните предмети.
Доколку биде екстрадиран, Палевски во земјава ќе биде пречекан со судско решение за 30-дневен притвор и ќе биде пренесен во Шутка. Таму веќе се наоѓаат тројцата осомничени соизвршители во грабнувањата и свирепите убиства. По првичниот 48-часовен притвор, тие од вчера и официјално се под истрага со што добија нови притвори од по 30 дена. Осомничен за помагање во грабнувањето, заедно со нив е и таткото на Вања, кој според првичните сознанија, на Палевски му давал информации кога девојчето ќе биде само.