Основното јавно обвинителство Скопје го изготви Барањето за екстрадиција од Република Турција на лице осомничено за две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик, соопштија од ОЈО.
Оттаму додаваат дека ова барање за екстрадиција итно е доставено до Министерството за правда.
„Јавниот обвинител побара од надлежните власти во Република Турција екстрадиција на лицето за кое е распишана меѓународна потерница, а од ИНТЕРПОЛ, Анкара е добиена информација дека на 05.12.2023 година е уапсен во Република Турција“, се вели во соопштението од ОЈО.
Од Обвинителството додаваат дека во прилог на барањето за екстрадиција до турските власти ќе биде доставена комплетната потребна документација – наредбата за истражна постапка против осомничениот, решението со кое од Основниот кривичен суд Скопје му е определен бранител по службена должност и му е одреден притвор, како и наредбата за издавање меѓународна потерница.
Видете и ова: Барањето за екстрадиција на Палевски од Турција се очекува во текот на денотНа турските власти ќе им бидат посочени и применетите одредби од Кривичниот законик во кои е содржан законскиот назив и обележјата на кривичното дело за кое се води истрагата и други релевантни одредби од македонското законодавство.
Во Турција во вторникот (5 декември) бил уапсен Љупчо Палевски - Палчо, првоосомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Палевски, по кого имаше меѓународна потерница, е фатен во турскиот град Баликесир.
Видете и ова: Уапсен Љупчо Палевски-осомничениот за грозоморното убиство на 14-годишната ВањаМВР поднесе кривични пријави против пет лица осомничени за вмешаност во случајот. На таткото на Вања, поради евентуална поврзаност со случајот, му беше определен 48-часовен притвор.
Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември 2023, и според МВР, во потрагата по неа биле вклучени стотина полициски службеници, биле прегледани снимки од 50-ина камери и направени голем број информативни разговори. Нејзиното тело беше пронајдено по седумдневна потрага, на 3 декември, во близина на скопското село Бразда.