Целосен пад на сѐ што е креирано од ОБСЕ и деградација на сите димензии на Организацијата - безбедносни, дипломатски, економски и цивилни. Вака шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ја опиша ситуацијата во Организацијата за безбедност и соработка (ОБСЕ) на прес конференцијата на маргините од Триесеттиот министерски совет на ОБСЕ, кој се одржува во Скопје.
Според Лавров, европските колеги не извлекле никаква поука и над 90 проценти од сите говори на пленарната сесија биле потврда на тоа.
„Гледам како се прават напори за продолжување на ваквата агонија. Што ќе се добие со продолжување од неколку месеци, шест месеци или година, рече Лавров на прес- конференција која траеше повеќе од еден час.
Вели дека е рамнодушен кон организацијата и резултатите од советот на ОБСЕ.
„Организацијата се претвори во нешто, кон што сум рамнодушен. Индиферентен сум за исходот од денешната сесија“, изјави Лавров, кој веднаш по прес конференцијата замина од Скопје.
Видете и ова: Министерски совет на ОБСЕ во СкопјеШефот на руската дипломатија, изјави дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен, а не тој, го избегнал состанокот со него.
„Блинкен го избегна состанокот, но јас еве сум тука, него не го гледам. Денеска госпоѓа Захарова ми покажа две различни фотографии објавени во македонските весници. Првата беше од вечерата, кога сите пристигнуваа на вечера, направиле фотографии за да објават во весници дека сите дошле освен Лавров...Останатите весници прикажаа фотографии од утринското отворање, каде што бев присутен со сите мои колеги, но немаше украински министер, ниту претставници од балтичките држави. Секретарот Блинкен и Борел си заминаа. Зошто го направија тоа? Тие се кукавици, се плашат од отворен разговор поткрепен со факти. Мислам дека сакаа да ја нагласат нивната намера да ја изолираат Русија“, изјави Лавров.
Инаку Блинкен присустуваше на неформалната вечера на лидерите, која се одржа во средата, но не беше тука на официјалното отворање на Министерскиот состанок, на кој САД се претставени од помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О'Брајан.
Видете и ова: Западот нема да дозволи уништување на ОБСЕ - порака до ЛавровЛавров нема да присустува на завршната сесија на Министерскиот совет, на која треба треба да се донесат одлуките за функционирањето на ОБСЕ.
Говорот на Лавров вчера на Министерскиот совет предизвика реакции кај останатите делегации. Некои од нив ја напуштија салата уште пред почетокот на обраќањето на првиот руски диломат, кој по завршувањето на долгиот говор ја напушти салата, а данскиот министер за надворешни работи, Ларс Локе Расмусен, откако си замина прокоментира дека Лавров бара дијалог, но тој не може да се води во негово отсуство.
Според рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров сите проблеми со кои се соочува Балканот потекнуваат од Западот, уште од времето на распаѓањето на поранешна Југославија.
Според него Западот отсекогаш имал интерес да ги подбуцнува народите едни против други. –„Уверен сум дека народите на Балканскиот Полусторов минаа тешки историски премрежја, имаат заедники код и не смеат да бидат поразени и да му дзволат на Западот да станат непријатели едни со други,“ рече Лавров.
Рускиот дипломат дека ги охрабрува етничките групи на Балканот да живеат мирно и да ги запрат сите националистички амбиции. Ги повика и да не се приклучуваат кон санкциите кон Русија, само, за како што рече, да се исполнат одредени западни амбиции.
На Министерскиот совет во Скопје, дојдоа делегации од 76 земји од кои 57 членки на ОБСЕ, а останатите се партнерски држави од медитеранската и азиската група.