Борг: Да го зачуваме и зајакнеме ОБСЕ, дипломатијата останува најдобра алатка за овој потфат

Иан Борг, министер за надворешни работи на Малта, на 30. Министерски самит на ОБСЕ во Скопје, Северна Македонија, 30.11.2023.

Мултилатеризмот е во основата на надворешната политика на Малта. Мора да се обидеме колективно да го зачуваме и зајакнеме ОБСЕ, препознавајќи ги нашите споделени одговорности како потписници на Хелсиншкиот финален акт, порача Иан Борг, министер за надворешни работи на Малта, во своето обраќање денеска, на 30. Министерски самит на ОБСЕ во Скопје.

Малта е следната земја претседавач со ОБСЕ.

„Да се вратиме на споделените принципи и заложби. Дозволете предизвиците да ги претвориме во можности, во духот на Хелсиншкиот финален акт и да обезбедиме наследство за идните генерации. Заедно, да внесеме нов дух во Организацијата“, рече Борг.

Видете и ова: Министерски совет на ОБСЕ во Скопје


Очигледно е, нагласи тој, дека мултилатерализмот се соочува со предизвици, но останува клучен за справување со глобалните проблеми - од спречување конфликти до справување со климатските промени.

„Како Организација се наоѓаме во комплексна и критична ситуација. Насилството како средство за остварување на целите не е во духот на Хелсиншкиот акт и мора да се вратиме на деескалација и мирно решавање на споротвите со почит кон дијалогот. Во духот на Хелсиншкиот акт не е ниту користењето на вето за спречување на ОБСЕ во остварување на своите основни цели. Мора да се вратиме на барањето компромис, дури и кога ни е тешко да се согласиме“, рече министерот за надворешни работи на Малта.

Во духот на Хелсиншкиот финален акт, порача тој, е соработката со добра волја за градење доверба.

„Заедно го создадовме ОБСЕ како инструмент за безбедност, соработка и разбирање. За добросостојбата на сите луѓе на кои им служиме, мора да опстанеме и го зачуваме. Ова е тешка, но витална задача пред нас. Дипломатијата останува најдобра алатка за овој потфат“, рече Борг.

Малта, нагласи Борг, „останува посветена на обезбедување на хуманитарна помош и поддршка за Украина и Русија мора целосно да се повлече од целата нејзина територија“.