Шаленберг: Ги разбирам украинските пријатели што го бојкотираа состанокот, но ОБСЕ ни е потребна за дијалог

Министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг

ОБСЕ е Организација со 57 земји членки на еднакво рамниште и верувам дека сме добро советувани да ги чуваме правилата, договорени пред повеќе декади и да се однесуваме еднакво кон сите, изјави австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг, на пристигнувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје.

Во однос на откажаните присуства на некои од делегациите поради рускиот министер Сергеј Лавров, Шаленберг рече дека целосно ги разбира, но и дека верува дека ова е организација што ни е потребна за дијалог.

„Целосно ги разбирам, особено украинските пријатели кои одлучија да не присуствуваат, но верувам дека ова е се уште Организација што ни е потребна, не само за односите кои се особено тешки со Русија, но и за централна Азија и Јужен Кавказ. Затоа, потреба ни е оваа платформа за дијалог и ако ја гледате состојбата на глобалните односи верувам дека во иднина, потребата од ОБСЕ ќе биде се поголема, а не помала“, изјави Шаленберг пред почетокот на состанокот.

Видете и ова: Министерски совет на ОБСЕ во Скопје

Шаленберг, во изјава за австриските медиуми пред денешниот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје, апелираше до сите држави членки да дадат конкретен придонеси за зајакнување на Организацијата, оценувајќи дека ОБСЕ во моментов е на „апарати за преживување“ и затоа очекува поголема посветеност од сите држави за одржување на ОБСЕ.

Учеството на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Министерскиот совет во Скопје, за Шаленберг е можност за соочување со агресорот наместо да се избегнува конфронтација. Западните земји, според него, не треба да се плашат од интеракција со Русија.