Во Скопје вечерва ( на 29 ноември ) почна неформалната вечера на министрите за надворешни работи кои учествуваат на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа - ОБСЕ. Домаќин е македонскиот шеф на дипломатијата и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи.
Тема на која ќе разговараат шефовите на делегациите од земјите членки на ОБСЕ и држави партнери е воената агресија врз Украина и потребата од функционална Организација во време на конфликти и зголемени тензии.
На вечерата присуствуваат министри за надворешни работи на САД, на ЕУ, на земјите членки на ЕУ, Велика Британија, на земјите партнери од Медитеранот, Блискиот Исток и од Азија.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел си заминуваат по оваа средба.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, според најавите од дипломатски извори ќе пристигне подоцна вечерва во Скопје.
Видете и ова: Борел- Добро е Лавров да слушне зошто е Русија изолирана и санкциониранаБлинкен и Борел нема да се сретнат со Лавров во Скопје. Претходно Борел од говорницата во македонската Влада порача дека добро е Лавров повторно да ги слушне пораките од учесниците на состанокот на ОБСЕ зошто Русија е санкционирана и изолирана.
„Ова е добра прилика за него да слушне од учесниците на овој состанок зошто Русија е осудена и изолирана а потоа ќе може да се врати во Кремљ, и да му каже на господарот на Кремљ дека ЕУ и ОБСЕ остануваат обединети во осудувањето на агресивното и незаконско однесување на Русија“, изјави Борел.
Северна Македонија привремено ја укина забраната за руски летови за да ѝ дозволи на руската делегација да присуствува на самитот на ОБСЕ, иако севкупните санкции за другите летови остануваат во сила.
Видете и ова: Блинкен и Лавров нема да се сретнат во СкопјеБрисел го затвори воздушниот простор за руски летови неколку дена откако Москва ја започна својата војна против Украина во февруари 2022 година. Истото го направи и Северна Македонија која претендира да се приклучи на блокот. Но, Лавров беше поканет да учествува на Самитот на ОБСЕ откако тоа го дозволи македонското МНР, а Бугарија го отвори воздушниот простор за авионот на Лавров.
Борел очекува дека на 30-от Министерски самит на ОБСЕ во Скопје кој се одржува од 30 ноември до 1 декември ќе се донесат клучни одлуки за следниот претседавач и за буџетот на организацијата.
На најголемиот политичко-дипломатски настан што се случил во државава од осамостојувањето, ќе учествуваат 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на Организацијата.