Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на министерскиот состанок на ОБСЕ треба да слушне од учесниците на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје зошто Русија и изолирана и санкционирана и тоа да му го пренесе на господарот во Кремљ. Ова го порача потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, на заедничката прес конференција со неговиот домаќин македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
„ Јас сфаќам дека некои земји учеснички не беа одушевени од вашата одлука да присуствува министерот Лавров, ги сфаќам, затоа што со незаконската војна на Русија против Украина таа ги поткопува истите начела на ОБСЕ и ги нарушува законите и поради тоа се соочува со меѓународни санкции и меѓународна изолација. Сепак, вашата одлука да дозволите Лавров да учествува е во согласност со наша заедничка цел, да го одржиме мултилатеризмот жив. Ова е добра прилика за него да слушне од учесниците на овој состанок зошто Русија е осудена и изолирана а потоа ќе може да се врати во Кремљ, и да му каже на господарот на Кремљ дека ЕУ и ОБСЕ остануваат обединети во осудувањето на агресивното и незаконско однесување на Русија“, изјави Борел.
Северна Македонија привремено ја укина забраната за руски летови за да ѝ дозволи на руската делегација да присуствува на самитот на ОБСЕ, иако севкупните санкции за другите летови остануваат во сила.
Видете и ова: Блинкен и Лавров нема да се сретнат во Скопје
Брисел го затвори воздушниот простор за руски летови неколку дена откако Москва ја започна својата војна против Украина во февруари 2022 година. Истото го направи и Северна Македонија која претендира да се приклучи на блокот. Но, Лавров беше поканет да учествува на Самитот на ОБСЕ откако тоа го дозволи македонското МНР, а Бугарија го отвори воздушниот простор за авионот на Лавров.
Борел додаде дека очекува на 30-от Министерски самит на ОБСЕ во Скопје се одржува од 30 ноември до 1 декември ќе се донеса клучни одлуки за следниот претседавач и за буџетот на организацијата.
„ Од друга страна од суштинско значење е министерскиот состанок да се осигури дека ОБСЕ ги има сите потребни средства на свое располагање за да функционира ефективно. Ние не сакаме да ја изгубиме работната способност на ОБСЕ. Ние сакаме да ви честитаме Вам на Северна Македонија за работата што ја завршивте во овие тешки времиња. Го поздравувам предлогот Малта да биде претседавач за следната 2024 година и се надевам дека оваа одлука ќе се донесе на состанокот во Скопје“, посочи Борел.
Тој додаде дека ЕУ ја поддржува Украина во нејзината борба за сочувување на својот интегритет, како и за мир и стабилност на Европа, вклучувајќи го и Западниот Балкан.
Борел си заминува од Скопје по вечерашната средба и нема да се сретне со Лавров на министерскиот состанок на ОБСЕ.