Објавени предлозите за новиот состав на ДКСК

илустрација

Ревизорката Татјана Димитровска е предложена за претседателка на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Собранието ја објави ранг листата за избор на нови членови на ова тело, откако претходните три дена траеше процедурата со интервјуа и бодувањето на кандидатите.

За членови се предложени ревизорите Цвета Ристовска и Зоран Богоевски, вработените во ДКСК Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаиљи, судијката Софија Спасова-Медарска и Сервет Демири од ревизијата на претпристапната помош за ЕУ.

Видете и ова: Сопки на патот до новите „антикорупционери“

Предложените антикорупционери треба да ги изгласаат пратениците на пленарна седница. На должност стапуваат од 8 февруари, бидејќи мандатот на сегашниот состав завршува на 7 февруари.

За новиот состав на ДКСК конкурираа помалку кандидати во споредба со претходниот избор. Интервјуирани беа 41 кандидат.

Државната комисија за спречување на корупција е независно тело кое има за цел да креира антикорупциски политики и мерки, да применува и иницира примена на законите и поттикнува нормативно и институционално јакнење на институциите.

Инаку во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава во евроинтегративните процеси, се вели дека Државната комисија за спречување на корупцијата отвори неколку предмети, вклучително и предмети против високи функционери. Комисијата наложи заклучоците од нејзините редовни извештаи целосно да се разгледаат.