Украина соопшти дека урнала осум руски дронови

Луѓе во засолниште во метро станица за време на алармот за воздушен напад врз Киев, 25 ноември 2023, при руската инвазија врз Украина

Украинската армија уништила осум од деветте напаѓачки беспилотни летала лансирани од Русија во текот на ноќта меѓу 25 и 26 ноември, соопшти Военото воздухопловство на Украина, пренесе Ројтерс.

Засега нема информации за штета или каде удрил деветтиот дрон.

Видете и ова: На боиштата во Украина, серија напади од руски беспилотни летала и проектили


Нападот, за кој украинските воздухопловни сили соопштија дека бил лансиран од југоисток, се случи еден ден по, како што рекоа украинските власти, најголемиот напад со беспилотно летало на Русија во војната.

Како што претходно соопштија украинските власти, Русија ноќта на 24 ноември ја нападна Украина со 75 дронови.

Руското Министерство за одбрана на 26 ноември објави дека спречило напад од украинската армија со најмалку 24 беспилотни летала во пет региони, вклучително и во регионот на Москва, објави Ројтерс.

Видете и ова: Недостигот на војници за борбите во Украина станува политички проблем за Русија

Украина со месеци наназад изведува воздушни напади со дронови како дел од контраофанзивата што ја започна летово на руските региони и на полуостровот Крим, што Русија го анектираше во 2014 година.

Според украинските власти, Украина се подготвува за очекувано зголемување на руските напади врз нејзината енергетска инфраструктура во зимскиот период, како што беше случај минатата зима, кога поради воздушните напади на руските сили, милиони Украинци останаа без струја и без греење.

Украина ја зајакна воздушната одбрана низ целата земја во обид да ја одбрани својата енергетска инфраструктура.