Владата го овласти МНР да издаде одобрение за слетување на Лавров во Скопје

Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија

Македонската Влада одлучи да се тргне забраната за прелет на рускиот авион со кој руската делегација, вклучително и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, ќе може да слета во Скопје за Министерскиот совет на ОБСЕ што треба да се одржи на 30 ноември и 1 декември откако претходно министерствата за одбрана и за надворешни работи ќе дадат одобрение за прелет и слетување.

Информацијата ја потврдија од МНР, а одлуката била донесена денеска (24 ноември) на владина седница.

„На денешната Владина седница, Владата донесе дополнување на Одлуката за воведување рестриктивни мерки во поглед на активностите на Руската Федерација со која се ограничува пристапот на воздухопловот на Руската Федерација, а согласно со Регулативата на Советот на ЕУ од Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со која Република Северна Македонија е целосно или 100% усогласена. Преку ова дополнување, Влада им пренесе овластување на надлежните министерства сами да можат да одлучат за издавање одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов за време на одржување на триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, во период од 29 ноември до 1 декември 2023 година“, соопштија од МНР.

Со одлуката, на предлог на Министерството за надворешни работи, по членот 5 се додава нов член 5-а, кој гласи: „Рестриктивната мерка од член 2 алинеја 2 од оваа одлука нема да се применува за воздухопловот на Руската Федерација, којшто ќе слета на територијата на Република Северна Македонија за време на одржувањето на Триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје на 29 и 30 ноември и 1 декември 2023 година и за којшто министерството за одбрана и министерството за надворешни работи претходно ќе издадат одобрение за прелет и слетување“.

Сепак, сè уште нема потврда дали Лавров ќе ја предводи делегацијата. Дипломатски извори во ОБСЕ, пак, брифираат дека се очекува во Скопје да дојде делегација од околу 80 луѓе, меѓу кои и Марија Захарова, портпаролката на руското МНР, како и над 20 руски новинари.

Министерот Бујар Османи претходно изјави дека Лавров на почетокот на ноември испратил писмо до него во кое, како што рече шефот на дипломатијата, „покажал интерес и барање да се обезбеди негово присуство во Скопје“. Пред неколку дена Османи кажа дека се процесуираат барањата за визи на руската делегација и штом има одука, јавноста ќе биде информирана.

Но, освен Северна Македонија, дозвола за прелет на руската делегација ќе треба да даде и Бугарија или Грција.

„Одлуката за санкции на ЕУ не се однесува за настани од мултилатерален карактер како што е ОБСЕ, оттука е одлука на владите што треба да ја донесат, но правен основ во ЕУ има. Сега, таква одлука треба да донесеме ние и најмалку една земја од нашите соседи. Бугарија или Грција за да може да се обезбеди прелет“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на 15 ноември.

Видете и ова: Северна Македонија, но и Бугарија или Грција ќе треба да го отворат небото ако Лавров доаѓа во Скопје

Министерскиот совет на ОБСЕ се гледа како клучен настан на кој би се одлучувало како ќе функционира организацијата во иднина со оглед на постојаните пречки и блокади што ги поставува Русија откако ја започна инвазијата врз Украина.

Еден од клучните предизвици е да се најде земја која ќе го презеде претседателството од Северна Македонија за следната година. Естонија е единствен кандидат, но Русија досега неколку пати стави вето. Последен пат, руската делегација излегла со негативен став на состанок на амбасадорите пред неколку дена.

Во јавноста досега се споменуваа неколку земји како можни идни претседавачи. Министерот Османи неколку пати посочуваше дека интензивно се работи на тоа да се пронајде некоја држава за која нема да се противи ниту една од 57-те земји членки на ОБСЕ.

Дипломатски извори посочуваат дека последните напори се насочени кон тоа Малта да го презеде претседателството во 2024 година. За 2025, пак, веќе е донесена одлука и тогаш со Организацијата ќе раководи Финска.

Меѓу сценаријата кои се во игра е уште еден мандат за Северна Македонија. Меѓутоа, ова Османи го посочуваше како последна опција, а и дипломатските кругови во ОБСЕ посочуваат дека би сакале да го задржат принципот за различен претседавач секоја година.

Ова не е единствениот проблем со кој се соочува ОБСЕ. Консензус земјите членки треба да постигнат и за тоа кој ќе ги пополни четири важни позиции во Организацијата: генералниот секретар, директорот на ОДИХР, високиот претставник за национални малцинства и претставникот за слобода на медиумите. Мандатот на актуелните функционери завршува на 4 декември годинава.