Достапни линкови

Северна Македонија, но и Бугарија или Грција ќе треба да го отворат небото ако Лавров доаѓа во Скопје


Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Руската Федерација
Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Руската Федерација

На министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје се очекува да присуствуваат околу 1 000 членови на делегации од 76 земји. Министерот Османи неколку пати повтори дека одлуката за (не)присуството на Лавров ја носи земјава, но во своите калкулации Скопје треба да ги земе предвид и ставовите на другите земји. Што се однесува до идното преседавање со ОБСЕ, ако не се најде друг преседавач, Османи ќе и предложи на владата да прифати земјава да преседава уште една година.

Две недели пред 30. министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, останува непотврден списокот на високи гости што ќе дојдат во главниот град на Северна Македонија (земја претседавач со Организацијата во 2023) и дали меѓу нив ќе бидат и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Антони Блинкен. Неодговорено е и прашањето што ќе се случува со организацијата во иднина односно кој ќе биде претседавач со ОБСЕ во 2024. А, дали Северна Македонија би прифатила таква улога уште една година, Владата во Скопје би одлучувала кога некои од останатите членки на Организацијата би покренале таква иницијатива. Инаку предлогот за уште една година претседавање со ОБСЕ прв го кажа шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Доаѓањето на Блинкен во Скопје е извесно, според изјавата на американскиот амбасадор во ОБСЕ, Мајкл Карпентер. Министерот за надворешни работи Бујар Османи како домаќин вели оти досега нема индикации дека американскиот државен секретар нема да дојде и затоа земјава се подготвува за неговото присуство.

За Лавров, пак, познато е дека изразил желба да присуствува на настанот, а Османи и денеска (15 ноември) изрази надеж дека сите министри ќе бидат присутни во Скопје.

Затворениот воздушен простор не е пречка за Лавров, тврди Османи

Затворениот воздушен простор за руски државни авиони што е резултат на санкциите што ЕУ и земјите од регионот (со исклучок на Србија) ги воведоа кон Русија поради воената агресија врз Украина, според шефот на дипломатијата Османи, не е проблем за евентуалното доаѓање.

„Одлуката за санкции на ЕУ не се однесува за настани од мултилатерален карактер како што е ОБСЕ, оттука е одлука на владите што треба да ја донесат, но правен основ во ЕУ има. Сега, таква одлука треба да донесеме ние и најмалку една земја од нашите соседи. Бугарија или Грција за да може да се обезбеди прелет. Меѓутоа во оваа фаза ги процесуираме барањата. За неколку дена ќе излеземе со конечен став“, најавува Османи.

Од земјите од соседството, единствено Србија не го затвори воздушниот простор за руски авиони.

Министерот Османи неколку пати повтори дека одлуката за (не)присуството на Лавров ја носи Северна Македонија, но во своите калкулации Скопје треба да ги земе предвид и ставовите на другите земји односно дали некоја поставува услов дека нема да присуствува во случај да дојде шефот на руската дипломатија.

Ова била и една од причините поради кои Османи неодамна беше во Украина со цел да го отстрани таквиот услов од Киев.

„Се уште разговараме со сите земји учеснички за да обзбедиме присуство на сите“, вели министерот.

И да дојде Лавров, ниту еден министер од останатите земји, нема да го пречека со раширени раце, порача американскиот амбасадор во ОБСЕ Карпентер на 14 ноември во Скопје. Сепак, нагласи тој, ОБСЕ е инклузивна организација.

„Тоа што Русија ѝ го направи на Украина е апсолутно ужасно. Комисијата за воени злосторства и злосторства против човештвото го проблематизираше учеството на господинот Лавров. Тоа е така и за повеќе делегации. Но, на крајот од денот Организацијата е инклузивна и има 57 земји-членки“, рече Карпентер.

Неизвесност за идниот претседавач до последен момент

Од почетокот на руската инвазија врз Украина, Москва се најде под санкции од западните земји, кон кои се приклучи и Северна Македонија, а во криза западна и функционирањето на ОБСЕ. Русија константно ја опструира работата на Организацијата во која се одлучува со консензус блокирајќи повеќе одлуки што беа од нејзин интерес. Досега неколку пати стави вето на кандидатурата на Естонија за претседавач во 2024 година, го блокираше буџетот на Организацијата, стави вето и за теренските мисии во Украина…

Прашањето за претседавачот и понатаму останува најгорливото прашање со кое се соочува ОБСЕ во моментов. Трите сценарија за можно решение кои досега се вртеа во јавноста, според изјавите на Османи на 15 ноември, остануваат се уште во игра.

Првото е да се постигне консензус за претседавање на Естонија, второто е да се најде друга земја за која 57 земји-члеки ќе постигнат консензус, и третото е Северна Македонија да биде на чело на оргнаизацијата и наредната година.

„Ако не можеме да најдеме и алтернативна држава до скопскиот министерски совет, тогаш евентуално теоретски може да се постави прашањето ние да продолжиме уште една година. Јас би отишол на Влада со барање за одобрување доколку стигне формално барање од други земји-членки, откако ќе се исцрпи и сценарио еден за Естонија и сценарио два за друга држава“ вели Османи.

Без претседавач, потенцира тој, ОБСЕ нема политички мандат да продолжи да работи.

Претседавањето уште една година, ќе значи и дополнителен товар за државниот буџет. Годинешново, според претходните информации од МНР, ќе ја чини државата од 5 до 8 милиони евра. Најголем дел од парите – околу три милиони, се очекува да отидат за министерскиот совет на 30 ноември и 1 декември.

Меѓутоа, тоа е една од позициите што треба да се пополнат до настанот во Скопје. На 4 декември истекува мандатот и на актуелните функционери на четирите клучни позиции во Организацијата: генералниот секретар, директорот на ОДИХР, високиот претставник за национални малцинства и претставникот за слобода на медиумите.

Додека за овие клучни одлуки е потребен консензус, за останатите досега се наоѓаше креативно решение, за што на 14 ноември зборуваше и амбасадорот Карпентер кога рече дека функционирањето на ОБСЕ под руска блокада е можно, но само до одреден степен. Како пример тој го посочи тоа што Русија стави вето за одржувањето на конференцијата за човечка димензија, но претседателството на Северна Македонија реши настанот сепак да се одржи.

Околу 1 000 гости – се бараат возила на заем и од почесни конзули и од градоначалници

Дали ОБСЕ ќе излезе од криза и во која насока ќе се движи Организацијата, досега неколку пати се најавуваше дека ќе се дознае на министерскиот совет во Скопје. На настанот се очекува во главниот град да присуствуваат делегации од 76 земји – од 57 членки на ОБСЕ и од партнерски држави од медитеранската и азиската група. Ако се земе предвид дека министрите за надворешни работи со себе водат делегација во бројност од 10 до 40 членови, од МНР очекуваат околу илјада високи гости.

За овие делегации, Владата нема доволно возила па во пресрет на настанот распиша тендер вреден околу 900 000 евра. На него се јави само една агенција за изнајмување автомобили и го доби договорот. Станува збор за фирмата „АБЦ Рент а кар турс“, а Османи досега во јавноста го објаснуваше договорот како „рамковен“ односно „резервен, бекап план“ што значи дека МНР нема обврска да ги користи сите возила туку колку што ќе има потреба.

Помош за возила од МНР бараат и од почесните конзули. Министерот рече дека испратил писмено барање до почесните конзули на други држави да ги понудат своите вип возила, бидејќи самите имале јавен став дека се спремни да ги понудат своите автомобили. Исто така, Османи иницирал и одлука на Влада да се препорача до сите градоначалници да ги достават своите автомобили за високите гости.

Инаку, во врска со министерскиот состанок, Владата вчера донесе одлука 30 ноември да го прогласи за неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација како и за училиштата на подрачјето на град Скопје. На 29-ти ноември, кога се очекува да пристигнат гостите и да има неформална министерка вечера, пак, работниот ден за администрацијата да заврши во 12 часот.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG