Три лица загинале, а пет биле повредени во руското гранатирање на јужниот украински регион Херсон во четвртокот, 23 ноември, соопшти регионалното обвинителство, а пренесе Ројтерс.
„Руските трупи ја гаѓаа инфраструктурата во јужните украински региони Днепропетровск и Херсон, предизвикувајќи штета“, соопштија регионалните власти, додека Украина се подготвува за зголемени напади врз нејзините енергетски капацитети претстојната зима.
„Во Днепропетровск во текот на ноќта беа погодени градовите Кривји Рих и Никопол и нивната околина“, изјави регионалниот гувернер Сергеј Лисак, додавајќи дека нема жртви.
„Околу полноќ одекна експлозија во Криворишкиот регион. Непријателот упати ракета кон инфраструктурен објект. Агресорот со тешка артилерија го гаѓаше подрачјето на Никопол“, напиша Лисак на Телеграм.
Видете и ова: Недостигот на војници за борбите во Украина станува политички проблем за Русија
Во Херсон, цивил бил ранет во руско гранатирање, соопшти шефот на градската воена управа Роман Мрочко.
Русија го гранатираше Херсон од другата страна на реката Днепар откако се повлече на левиот брег пред една година кога украинските сили го ослободија градот.
Во источните региони на Харков и Доњецк, украинските сили воделе 74 блиски битки во изминатите 24 часа, соопшти Генералштабот на украинската армија во својот дневен извештај на 23 ноември.
Во Харков, украинските трупи одбија 12 руски напади врз Синкивка, Петропавливка и Иванивка и околината.