Претседателот Стево Пендаровски се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тие разговарале за севкупната соработка со НАТО, во рамки на полноправното членство на земјата во Алијансата и можностите за нејзино унапредување, соопшти Кабинетот на Претседателот.
Столтенберг и Пендаровски исто така разговарале и за надворешно-политичките приоритети на земјата, за актуелните регионални безбедносни прашања и состојбите во поширокиот регион во контекст на руската агресија врз Украина и случувањата на Блискиот Исток.
Столтенберг е во посета на Северна Македонија, во рамки на неговата посета на земјите од Западен Балкан.
Видете и ова: Руско влијание во регионот има, но нема капацитет за дестабилизацијаПретседателот Пендаровски ја истакна подготвеноста и посветеноста на Северна Македонија и во иднина активно да придонесува во промовирање на мирот и стабилноста во регионот и пошироко, како и во справувањето со традиционалните и новите закани, во рамки на своите капацитети.
Столтенберг во Скопје се сретна со државниот врв, а се обрати и пред пратениците во Парламентот.
Тој рече дека НАТО внимателно следи што прави Русија во Западен Балкан, но додаде дека не гледа воена закана од Русија за која било членка на НАТО или за регионот.
На 22 ноември Скопје ќе биде домаќин на неформалниот состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски ќе ги пречекаат премиерот на Албанија, Еди Рама, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ и премиерот на Словенија, Роберт Голоб.