НАТО може да се потпре на Северна Македонија, рече Столтенберг во Скопје

Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски на 21 ноември го пречека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој е во официјална посета на Северна Македонија.

НАТО може да се потпре на Северна Македонија, а Северна Македонија на НАТО, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

„Вие придонесувате кон безбедноста и стабилноста на Западен Балкан преку нашите мировни мисии со КФОР во Косово. Решени сте да дојдете до 2 проценти од БДП потрошени за одбрана до следната година, а Северна Македонија силно ја осуди руската војна против Украина. Навистина ве цениме, вие сте ценет сојузник и ги цениме вашите придонеси кон Алијансата“, рече Столтенберг.

Сите сме свесни колку напреднавме откако станавме членка на НАТО, вели премиерот Ковачевски.

„За тоа говорат бројките за странски инвестиции, бројот на невработени, на растот на платата. Европскиот пат е вистинскиот пат, како што беше интеграцијата во НАТО. Нашата земја заслужува да биде членка“, рече Ковачевски.

Видете и ова: Столтенберг ја започна посетата на Северна Македонија

Со посетата на Северна Македонија, шефот на НАТО Столтенберг ќе ја заврши турнејата низ Западен Балкан, во рамки на која ги посети и Босна и Херцеговина, Косово и Србија.

Столтенберг е во дводневна посета на Скопје, а пред да пристигне во земјава тој беше во посета на Белград каде се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Неговите пораки од Белград беа за деескалација на случувањата меѓу Косово и Србија, за зголеменото присуство на НАТО во Западен Балкан и предупредување за руско влијание врз регионот.

Генералниот секретар на НАТО денеска во Скопје ќе има билатерална средба и со претседателот на Собранието Талат Џафери, по што ќе се обрати и пред пратениците во Собранието, во рамки на 132-та седница.

Видете и ова: Столтенберг предупредува на руско влијание во Западен Балкан

Тој потоа ќе биде примен од Претседателот Стево Пендаровски во неговиот Кабинет.

Утре во Скопје ќе се одржи неформалниот лидерски состанок на НАТО сојузниците од регионот.

Столтенберг и Ковачевски, како што е најавено, ќе ги пречекаат поканетите лидери од Република Албанија - премиерот Еди Рама, Република Хрватска - претседателот Зоран Милановиќ, Република Црна Гора - премиерот Милојко Спајиќ и Република Словенија - премиерот Роберт Голоб.