Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг официјално беше пречекан пред Владата во Скопје, каде ќе има средба со премиерот Димитар Ковачевски.
Потоа ќе следува билатерална средба на двете делегации. Во составот на македонската делегација се министерката за одбрана Славјанка Петровска, шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и амбасадорот на Северна Македонија во НАТО, Дане Талески.
Ковачевски и Столтенберг по средбите ќе одржат заедничка прес-конференција.
Столтенберг е во дводневна посета на Скопје во рамки на неговата турнеја во земјите од Западен Балкан.
Пред да пристигне во Скопје, Столтенберг беше во посета на Белград каде се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Видете и ова: Столтенберг предупредува на руско влијание во Западен БалканНеговите пораки беа за деескалација на случувањата меѓу Косово и Србија, за зголеменото присуство на НАТО во Западен Балкан и предупредување за руско влијание врз регионот.
Генералниот секретар на НАТО денеска во Скопје ќе има билатерална средба со претседателот на Собранието Талат Џафери, по што ќе се обрати и пред пратениците во Собранието, во рамки на 132-та седница. Тој потоа ќе биде примен од Претседателот Стево Пендаровски во неговиот Кабинет.
Утре во Скопје ќе се одржи неформалниот лидерски состанок на НАТО сојузниците од регионот.
Столтенберг и Ковачевски, како што е најавено, ќе ги пречекаат поканетите лидери од Република Албанија - премиерот Еди Рама, Република Хрватска - претседателот Зоран Милановиќ, Република Црна Гора - премиерот Милојко Спајиќ и Република Словенија - премиерот Роберт Голоб.
Турнејата низ регионот Столтенберг ја започна од Босна и Херцеговина во неделата, по што замина во посета на Косово, а од вчера беше во Србија, од каде денеска попалднево допатува во Скопје.