Марш од Тел Авив до Ерусалим за солидарност со семејствата на израелските заложници

Марш на солидарност со семејствата на израелските заложници држени од Хамас, 15 ноември 2023 година.

Семејствата на израелските заложници и илјадници демонстранти маршираа кон Ерусалим на 17 ноември, зголемувајќи го притисокот врз владата да обезбеди ослободување на заробениците, речиси шест недели откако милитантите на Хамас ги киднапираа и ги одведоа во Газа.

Поворката го напушти Тел Авив пред три дена. Полицијата блокираше делови од главниот автопат додека демонстрантите почнаа да се качуваат по патот што води кон Ерусалим.

Држеа слики од своите најблиски, вееја израелски знамиња и скандираа „Нема да се откажеме, бараме ослободување на заложниците!“.

Хамас зеде околу 240 луѓе како заложници на 7 октомври за време на нападот врз Израел.

Заробениците - од деца до постари лица - се верува дека се држат во тунели длабоко под Појасот Газа.

Видете и ова: Германската полиција претресе 54 локации поради сомневања за исламски екстремизам

Израелските и арапските медиуми известуваа за разговори за ослободување на барем некои од заложниците, но нема потврда од ниту една страна дека наскоро би можело да има договор.

„Вратете ги дома одма“, рече Јувал Харан, кој маршираше со плакат на кој беа прикажани седумте членови на неговото семејство кои биле земени како заложници, вклучувајќи ја и неговата тригодишна внука.

Германскиот амбасадор во Израел Штефен Зајберт се сретна со учесниците на маршот и повика на безусловно ослободување на заложниците.

„Работиме на тоа на сите политички и дипломатски нивоа. Во нашите срца и умови сме со вас“, рече тој, обраќајќи им се на демонстрантите преку мегафон.

Видете и ова: Зошто слоганот „од реката до морето“ го разгорува гневот за војната Израел-Хамас?

Во еден момент се појави и министерот на израелската влада Мики Зохар, кој беше пречекан со извици „Срам“ и „Преземи одговорност“.

"Знаев дека нема да биде лесно да се дојде овде. Но, не е важно. Дојдов да ви кажам, што е можно појасно, дека ќе направиме се за да ги вратиме дома", рече тој за време на разговорот со некои на учесниците на маршот.

Семејствата и другите демонстранти велат дека ќе го завршат маршот долг 60 километри во сабота, на 18 ноември, пред резиденцијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим.