Во прашање е реката Јордан, долга околу 250 километри на источната граница на Израел и окупираниот Западен Брег. Морето за кое станува збор е Средоземното Море.
Сепак, слоганот на просторот помеѓу, „од реката до морето“, стана борбен крик што може да ги распали страстите на Евреите и пропалестинските активисти по нападот на радикалната група Хамас врз јужен Израел на 7 октомври и одмаздничките бомбардирања на Израел на појасот Газа.
Европската Унија и САД ја прогласија Хамас за терористичка организација.
„Од реката до морето, Палестина ќе биде слободна“, скандираа пропалестинските активисти од Лондон до Рим и Вашингтон по најкрвавиот ден во Израел. За јавните личности може да биде скапо да го прифатат или да го бранат тој слоган, како во случајот со членката на Претставничкиот дом на САД, Рашида Тлаиб, кој доби укор од Долниот дом на Конгресот.
Меѓутоа, како и со многу работи во конфликтот на Блискиот Исток, што значи таа фраза зависи и од тоа кој ја кажува и кој ја слуша.
Многу палестински активисти велат дека тоа е повик за мир и еднаквост по 75 години израелска државност и децении израелска воена власт над милиони Палестинци. Евреите, од друга страна, го слушаат како јасен повик за уништување на Израел.
Но, едно е јасно: на 7-ми октомври, борците на Хамас убија повеќе од 1200 луѓе во Израел и зедоа околу 240 заложници во Појасот Газа во најголемото насилство врз Евреите од Холокаустот. Израел одговори со силно бомбардирање на Појасот Газа и копнена офанзива во која загинаа повеќе од 11 000 луѓе, според Министерството за здравство во Газа кое е под контрола на Хамас. Бројот на загинати сигурно ќе се зголеми, а резултатот е најсмртоносната рунда израелско-палестински борби во последните децении.
Слоган усвоен од Хамас
Слоганот „од река до море“ кој одекнува на пропалестинските митинзи, некои го усвоија како повик за единствена држава на територијата помеѓу реката Јордан и Средоземното Море.
До 2012 година, стана јасно дека Хамас го усвои слоганот во обидот да ја преземе територијата што се протега на Израел, Појасот Газа и Западниот Брег.
„Палестина е наша од реката до морето и од југ до север“, рече поранешниот лидер на таа организација Калед Машал во 2012 година во говорот во Газа по повод прославата на 25-годишнината од основање на Хамас.
„Нема да има отстапка ниту за педа од земјата“, порача тој.
Овој слоган, исто така, има свои корени во повелбата на Хамас. Приказната зад тој слоган е многу поширока и опфаќа децении.
Во месеците пред и за време на војната во 1948 година, околу 700 000 Палестинци избегаа или беа протерани од денешен Израел. Многумина очекуваа враќање. Израел го освои Западниот Брег, заедно со Газа и Источен Ерусалим, во војната во 1967 година.
Во 2005 година Израел се повлече од Газа, а во 2007 година Хамас го презеде малиот појас од палестинската управа по насилниот државен удар.
Што велат Евреите?
Дури и скратеното „од река до море“ одекнува на пропалестински протести, се шири на социјалните мрежи и може да се види на различни производи, од дуксери до свеќи.
Ако Евреите во Лондон ги прашаат што толку многу ги плаши во моменталниот пораст на антисемитизмот, многумина ќе ја наведат сеприсутноста на контроверзниот слоган. Тоа е знак, сугерираат тие, дека има зошто да се плашат.
„Немојте да се сомневате дека Хамас ги охрабрува скандирањата „од река до море“, бидејќи Палестина меѓу реката и морето не остава ниту милиметар за Израел“, се вели во отвореното писмо потпишано од 30 еврејски медиуми наоколу низ светот и објавен во средата (15 ноември).
По убиството на цивили од страна на екстремистичката група Хамас на 7 октомври, тие не прифаќаат дека скандирањето е само антиизраелско, туку антиеврејско.
„Никој сега не може да каже дека во очите на Хамас, омразата кон Израел не значи омраза кон сите Евреи. Пароли, знаци и скандирања кои повикуваат на искоренување на Израел и, навистина, сите Евреи јасно го кажаа тоа “, вели Сара Нахшен, жителка на Лондон.
Што велат палестинските активисти
Тлаиб, демократка воПретставничкиот дом, која има семејство на Западниот Брег и е единствениот член на Конгресот со палестинско потекло, објави видео на 3 ноември од демонстрантите кои го извикуваат слоганот.
Позната по критиките за американско-израелските односи, Тлаиб го бранеше слоганот.
„Од реката до морето е инспириран повик за слобода, човекови права и мирен соживот, а не смрт, уништување или омраза“, напиша Тлаиб на мрежата X, предупредувајќи дека мешањето на антиизраелските чувства со антисемитизмот „ги замолчува различните гласови кои зборуваат во корист на човековите права.“
Јусеф Мунајер, шеф на Палестинско-израелската програма и виш соработник во Арапскиот центар Вашингтон, на мрежата Х објави:
„Нема ниту една педа земја помеѓу реката и морето каде што Палестинците имаат слобода, правда и еднаквост и никогаш не било поважно да се нагласи тоа од сега“.
Решението - две држави
Мнозинството од меѓународната заедница го поддржува решението за две држави, кое бара поделба на територијата. За многумина, пак, поради децениското проширување на израелските населби на Западниот Брег, таквото решение со две држави не е можно.
Десничарските Израелци ги „заматија“ границите меѓу Израел и Западниот Брег, каде што сега живеат половина милион луѓе во еврејските населби. Многумина во израелската влада ја поддржуваат анексијата на Западниот Брег, додека на официјалните владини мапи често не се споменува „зелената линија“ на границата.
Во оригиналната платформа на партијата Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху беше објавена верзија на слоганот во кој се вели дека меѓу морето и реката Јордан „ќе постои само суверенитетот на Израел“.
Опасностите од слогани
Користењето фрази на јавните личноси може да биде скапо. Укорот што Тлаиб го доби во Претставничкиот дом е само чекор до исклучување.
Минатиот месец, виенската полиција ги забрани пропалестинските демонстрации, наведувајќи го фактот дека во повиците се споменува фразата „од река до море“, која ја карактеризира како повик за насилство.
Во Велика Британија, Лабуристичката партија му изрече привремена казна на пратеникот Енди Мекдоналд за користење на таа фраза за време на митинг каде што повика да се прекине бомбардирањето.
„Нема да мируваме додека немаме правда. Се додека сите луѓе, Израелци и Палестинци, меѓу реката и морето не можат да живеат во мирна слобода“, напиша тој на мрежата Х.
Тој потоа објасни: „Овие зборови не треба да се толкуваат поинаку отколку како искрена молба за крај на убиствата во Израел, Газа и окупираниот Западен Брег, и за сите народи во регионот да живеат во слобода без закани од насилства“.