Главните преговарачи на Србија и Косово во четвртокот на одделни средби разговараа со специјалниот пратеник на Европската унија (ЕУ) за дијалогот меѓу двете земји Мирослав Лајчак, а на кои требаше да се зборува за примената на прелиминарните договори постигнати меѓу Белград и Приштина.
Лајчак прво се сретна со главниот преговарач на Србија, Петар Петковиќ, кој е и шеф на Канцеларијата за Косово во српската Влада. Потоа, претставникот на ЕУ разговараше и со главниот преговарач на Косово, Бесник Бислими, кој е и заменик-премиер.
Имаше можност по одделните, да има и заеднички состанок, но тој сепак, нема да се одржи.
Косовскиот преговараш Бислими рече дека нема потреба за средба со белградскиот колега Петковиќ.
Видете и ова: Лајчак во посета на Приштина, една од клучните теми е Заедницата на општини со српско мнозинствоТој потврди дека на одделниот состанок со Лајчак разговарале за договорот за нормализација на односите, како и за анексот за негово имплементирање. Додаде дека при минатонеделната посета на Приштина, Лајчак донел нов нацрт „кој за првпат вклучува целосен паралелизам во спроведување на Договорот“.
Бислими, исто така, истакна дека нема потреба да се разговара за нацрт-статутот на Заедничката на општини со српско мнозинство, кој таканаречената „голема петорка“ (Франција, Германија, Италија, САД и ЕУ) го донесе во Приштина на 21 октомври.
Официјална Приштина, според него, останува на ставот дека е подготвена да го прифати нацртот и да го потпише заедно со уште два други документи – договорот за патот на нормализација и анексот за имплементација.
„Без потпис, Косово не може да почне со примена на нацрт-статутот за Заедницата бидејќи нам ни се потребни гаранции дека имаме валиден договор кој создава обврски и за другата страна“, рече Бислими.
Говорејќи за содржината на тој предлог, главниот косовски преговарач оцени дека во тој документ се „посветува посебно внимание на уставните одредби на Косово“, како и дека е внимателно изработен. Но, нагласи, Уставниот суд на Косово ќе го има последниот збор за прашањето дали нацрт-статутот е во согласност со Уставот.
Српската делегација, пак, наведе дека паралелно со средбата што главниот преговарач ја имал со Лајчак, одржан е и состанок со експертите за исчезнати лица и за енергетиката.
Во пресрет на денешните средби во Брисел, Бислими во средата рече дека тие се продолжение на состанокот одржат на 26 октомври со лидерите на Германија, Франција, Италија и на европскиот блок.
Видете и ова: Лајчак: Не е само ЗСО што треба да се спроведе, Србија има многу неизвршени обврскиПетковиќ пред неколку дена рече дека во Брисел ќе оди со „тим од експерти“.
Според европските извори, на дневен ред на состанокот требаше да биде разговор за нацрт-статутот на Заедницата општини со српско мнозинство во Косово, но и за останатите чекори за спроведување на обврските од Договорот за нормализација на односите меѓу двете земји.
Овој Договор двете страни го постигнаа во февруари во Брисел, а анексот за имплементација беше постигнат во март во Охрид.
На состанокот во четвртокот, според претходните информации од изворите од ЕУ, главниот приоритет е Заедницата општини со српско мнозинство.
Нацрт-статутот за Заедницата, на Белград и Приштина им беше доставен во октомври од страна на заедничката делегација од САД, ЕУ, Германија, Италија и Франција.
ЕУ овој нацрт го смета за „модерен европски план“ и инсистира Србија и Косово да го прифатат.
Иако содржината сè уште не е достапна за јавноста, ЕУ и истакнати членки го оценуваат како најдобар предлог и компромис кој Белград и Приштина треба да го искористат за да може да напредуваат.
Видете и ова: Има ли напредок по разговорите на Курти и Вучиќ со лидерите од ЕУ?Европската комисија (ЕК) ги критикуваше и Косово и Србија поради неподготвеноста да ги спроведат обврските кои произлегуваат од претходните договори.
Во извештајот за напредокот на ЕК беше посочено дека двете страни воопшто не почнале со спроведување на Договорот за нормализација.
Комисијата ги повика двете држави поодговорно да пристапат на своите обврски од дијалогот што го водат, потсетувајќи ги дека тоа е клучно и за нивниот напредок во процесот на европската интеграција.