Достапни линкови

Има ли напредок по разговорите на Курти и Вучиќ со лидерите од ЕУ?


Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти
Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти

Премиерот на Косово Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ на 26 октомври во Брисел имаа одделни состаноци со лидерите на Германија, Франција и Италија во рамки на напорите да се обнови дијалогот меѓу Приштина и Белград по нападот во Бањска на северот на Косово.

Владата на Косово соопшти дека Курти повторил дека е подготвен да го потпише Основниот договор за нормализација на односите со Србија, но оти другата страна не сака.

„Претседателот на Србија Вучиќ одби да потпише договор со Косово и бараше да се прифати пропратно писмо со кое практично се поништуваат три принципи – Основниот договор, Анексот за примена, како и нацртот кои петте емисари го предложија на 21 октомври“, пишува во соопштението.

Исто така, се додава дека „само потпис значи прифаќање и гаранција за спроведување“.

По состаноците, не беа објавени детали од разговорите на лидерите на Косово и Србија со канцеларот Олаф Шолц, претседателот Емануел Макрон и премиерката Џорџа Мелони, иако извори велат дека „работите се поместуваат од место“, додека се споменува можноста и за нови состаноци.

Ниту Курти ниту Вучиќ дадоа изјави пред новинарите за состаноците кои беа одржани на маргините на Самитот на ЕУ на кој теми се Украина и војната на Израел против Хамас.

Вучиќ на состанок со лидерите од ЕУ, 26 октомври 2023 г.
Вучиќ на состанок со лидерите од ЕУ, 26 октомври 2023 г.

На одделните состаноците присуствуваа и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел кои по шефовите на државите и владите во ЕУ ќе ги информираат за процесот на нормализација на односите помеѓу Косово и Србија.

Вучиќ по состанокот со европските лидери продолжи да разговара со Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак.

Курти, исто така, се врати во зградата каде беше одржат состанокот.

Упатени извори наведуваат дека „работите се поместуваат“, но не споделуваат прецизни детали.

Дипломатски извори за РСЕ рекоа дека лидерите на Германија, Франција и Италија изразиле подготвеност да се вратат и да ги поддржат напорите на Приштина и Белград со цел изнаоѓање решение. Тие учествуваат на редовен самит на ЕУ, но, како што велат изворите, подготвени се привремено да го напуштат доколку нивното присуство придонесе во напорите за решение.

Нешто слично навести и шефот на европската дипломатија Борел кој не исклучи можност лидерите да се вратат на состанок со Курти и Вучиќ.

„Работата е во тек. Можеби ќе мораме да го напуштиме самитот на ЕУ и повторно да седнеме со лидерите на Косово и Србија и да видиме дали може да најдеме решение во рамки на дијалогот. Нема друго решение. Европскиот пат на Косово и Србија е преку дијалог“, рече Борел.

Курти на состанок со лидерите од ЕУ, 26 октомври 2023 г.
Курти на состанок со лидерите од ЕУ, 26 октомври 2023 г.

Италијанската премиерка Мелони по средбата со Курти и Вучиќ рече дека се прави се за да се пронајде решение засновано на „многу долгата работа што ја прават Италија, Франција, Германија и ЕУ“.

Се обидуваме да направиме чекор напор. Баравме двајцата лидери да преземат чекори во поглед на имплементацијата на документите и договорите кои заеднички беа направени изминатите години и месеци. Ќе видиме како ќе помине овој ден, а се надеваме дека ќе направиме некои чекори напред“, изјави италијанската премиерка.

Заеднички состанок на лидерите на Косово и Србија не бил во план, но не се исклучува и таква можност во случај на напредок со цел страните да потврдат дека го прифаќаат европскиот предлог.

Претходно, портпаролот на ЕУ Питер Стано изјави дека одделните состаноци се продолжение на процесот што започна минатиот викенд кога западните дипломати од таканаречената „голема петорка“ ги посетија Приштина и Белград.

„Идејата е овие состаноци да се одржат на маргините на Самитот на ЕУ во знак на поддршка на дијалогот. Пораката на ЕУ е дека очекуваме од двете страни, Србија и Косово, веднаш и непречено да им се врат на обврските кои произлегуваат од дијалогот, веднаш да почнат да работат за смирување на тензиите и на рестартирање на дијалогот“, рече Стано.

Тој рече дека каков било состанок на Курти и Вучиќ засега не се планира.

Советниците на лидерите на Франција, Германија и Италија, заедно со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Приштина и Белград Мирослав Лајчак и американскиот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, беа дел од „големата петорка“ која ги посети Приштина и Белград на 21 октомври и презентираше план за нормализирање на односите.

Стано потврди дека планот содржи „модерен европски предлог“ за статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово, додека, според извори од ЕУ, од Србија се бара да ја потврди поддршката за спроведувањето на договореното на состанокот во Охрид на 18 март.

Косовската влада соопшти дека Курти се согласил дека овој план е „рамка за продолжување на понатамошните разговори со сојузничките земји“.

Вучиќ, пак, рече дека Србија е подготвена да разговара за планот, но призна дека „планираните средби нема да бидат лесни“.

Во изјава за Радио Слободна Европа, портпаролот на американскиот Стејт департмент рече дека САД продолжуваат да го поддржуваат дијалогот меѓу Косово и Србија, со посредство на ЕУ, како „единствениот начин да се постигне мирен и продуктивен однос меѓу Косово и Србија“.

Курти и Вучиќ последен пат се сретнаа на 14 септември, но тогаш не беше постигнат напредок.

Десетина дена подоцна се случи нападот во Бањска, каде вооружени групи Срби ја нападнаа косовската полиција при што загина еден полицаец. За време на конфликтот беа убиени и тројца српски напаѓачи, што предизвика загриженост за стабилноста во регионот.

Во изјава за британскиот весник „Фајненшл тајмс“ на 25 октомври, Курти рече дека „ако нема казни и санкции против Србија по она што го направи, дефинитивно нема да има дијалог“.

Овој процес за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија започна во 2011 година со посредство на ЕУ и поддршка од САД.

За таа цел, страните направија десетина договори, но многу од нив никогаш не беа спроведени.

Еден од нив е формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово.

Иако за ова има договор од 2013 година, властите во Приштина велат дека тоа, како што е планирано, лошо би се одразило на функционалноста на државата и дадоа неколку предлози за регулирање на прашањата на малцинските заедници во Косово.

Сепак, и ЕУ и САД неодамна го зголемија притисокот врз Косово за формирање на оваа заедница.

Додека САД велат дека тоа треба да биде целосно во согласност со косовскиот Устав, од ЕУ велат дека за прашањето како би се создала заедница и како ќе функционира треба да се разговара во дијалог.

XS
SM
MD
LG