Повеќе актуелни теми од областа на одбраната, како што се јакнење на регионалната соработка преку засилен одбранбен дијалог меѓу државите во регионот, заедничкиот придонес на земјите од А5 во мировни мисии и операции на НАТО, како и организирање на заеднички вежби и обуки, ќе бидат темите за кои во рамките на јубилејниот 20-ти Министерски состанок на земјите членки на САД-Јадранската повелба, ќе разговараат министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со помошничката на секретарот за одбрана на САД за меѓународни безбедносни работи, Селест Валандер, повеќе министри за одбрана и високи претставници од земјите членки и набљудувачи од оваа иницијатива.
Како што соопшти Министерството за одбрана, министрите се очекува да се согласат реализацијата на повеќегодишните проекти на Иницијативата да биде предводена од три држави, односно актуелниот претседавач, заедно со претходниот и идниот претседавач на оваа Иницијатива, со што значително ќе се зголеми ефикасноста во реализацијата на проектите во рамките на А5 Иницијативата.
Видете и ова: Јадранската повелба, важна за регионотНа состанокот, најавено е учество и на министерот за одбрана на Албанија, Нико Пелеши, министерот за одбрана на Црна Гора, Драган Краповиќ, заменикот-министер за одбрана на Босна и Херцеговина, Славен Галиќ, раководителот за меѓународна безбедносна и одбранбена соработка во хрватското Министерство за одбрана, Игор Габриќ, а од земјите-набљудувачи министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, државниот секретар во Министерство за одбрана на Србија, Немања Старовиќ и заменик-генералниот директор во Министерство за одбрана на Словенија, Аљоша Селан.
САД-Јадранската повелба е основана на 2 мај 2003 година во Тирана како Иницијатива за соработка во одбраната во А-3 контекст (Албанија, Хрватска, Северна Македонија).
Јадранската повелба е базирана на заедничката визија за стабилност во Југоисточна Европа и полноправно членство во евроатлантските интеграции. Во 2023 година со А-5 Иницијативата претседава Северна Македонија.