Средба на Макрон и верските лидери за борбата против антисемитизмот

Протест против антисемитизмот во Франција

Францускиот претседател Емануел Макрон во понеделник (13 ноември) разговараше со верските лидери за борбата против антисемитизмот во Франција, еден ден откако десетици илјади луѓе маршираа во Париз за да изразат загриженост поради порастот на нападите против Евреите.

Додека во Појасот Газа беснее војна меѓу палестинската екстремистичка група Хамас и Израел, тензиите во Франција, која е дом на големи муслимански и еврејски заедници, растат.

Макрон ги повика верските водачи да направат „напори во образованието за да го зголемат бројот на мерки насочени кон младите“, изјави за новинарите по состанокот Ерик де Мулен-Бофор, шеф на католичките бискупи.

Разговорите во понеделникот се „продолжение на повиците за национално единство и братство“ на Макрон во писмото објавено во саботата во дневниот весник „Le Parisien“, соопшти неговата канцеларија во Елисејската палата пред состанокот.

Видете и ова: Пораст на антисемитизмот ширум светот

Франција бележи зголемување на антисемитските напади по крвавиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври кога загинаа околу 1 200 луѓе, главно цивили, а во одговорот на Израел во Појасот Газа загинаа повеќе од 11 000, главно цивили и многу од нив деца, соопшти Министерството за здравство, управувано од Хамас.

Макрон напиша дека „Франција од која се плашат нашите еврејски сограѓани не е Франција“, повикувајќи ги граѓаните да се обединат околу „вредностите“ за кои се залага земјата.

Според полицијата, повеќе од 180 000 луѓе излегоа ширум Франција во неделата, вклучително и 105 000 во Париз, за да се приклучат на маршевите „за Републиката и против антисемитизмот“.

Во меѓувреме Макрон беше критикуван и од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за несогласување со обемната кампања на израелското бомбардирање во Газа во интервју за Би-Би-Си.

Кабинетот на францускиот претседател соопшти доцна во неделата дека тој телефонски разговарал со израелскиот претседател Исак Херцог во очигледен обид да ги намали тензиите.

Макрон „ја повтори својата солидарност со Израел пред ужасот од терористичките напади извршени од Хамас“ и „го повтори правото на Израел да се брани себеси и солидарноста на Франција со него“, соопшти Елисејската палата.