Сомнежи за нови случаи на труење со газиран пијалак во Хрватска

илустрација

Четири лица се хоспитализирани поради труење со газиран пијалак во Хрватска. Три лица завршиле во болница во Загреб, а едно во Ријека.

Млад човек во вторникот бил примен во Клиничко-болничкиот центар во Загреб, а постои сомнеж дека бил отруен откако го испил пијалакот „ромеркел“ (romerquelle) во кафуле.

Полицијата врши увид и зема мостри од спорниот пијалак за понатамошна анализа и истрага.

Хрватскиот институт за јавно здравје ги добил мострите од безалкохолни пијалаци кои санитарната инспекција ги доставила по истрага во кафуле во Ријека, каде на едно лице неодамна му се слошило, а резултатите од анализата ќе бидат доставени до Државниот инспекторат.

Видете и ова: Откриени македонски токсични пиперки во Хрватска


Станува збор за 19-годишен млад човек, кој завршил во болница во Ријека со сериозни повреди на хранопроводот и стомакот откако испил безалкохолен пијалак во ресторан.

Иако тоа се случи во саботата, на 4 ноември, никој од надлежните не реагираше до вторник, а пораките за наводните труења на големо се проширија на социјалните мрежи.

Пораките се дека киселина опасна по живот завршила во шишињата откако цевките биле исплакнати со хемикалии во фабрика за пијалаци.

Хрватскиот министер за здравство Вили Берош им порача на граѓаните дека е најдобро да се пие вода, бидејќи во овој момент никој не може да каже дали е безбедно да се консумираат газирани пијалаци.

Хрватските медиуми ги спомнуваат и случаите на момче во Крапина кое пред неколку недели завршило во болница откако испило сок од јаболко и на маж од Пула чиј хранопровод е тешко повреден откако испил чаша минерална вода во ресторан во Ријека во мај.