Специјалниот пратеник на Европската унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, од денеска (6 ноември) е во дводневна посета на Приштина, каде со косовските лидери ќе разговара и за нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство.
Ова за Радио Слободна Европа (РСЕ) го потврди Џоана Лачана, портпарол на Канцеларијата на ЕУ во Приштина.
Лајчак ќе се сретне со премиерот на Косово, Албин Курти, со вицепремиерот Бесник Бислими и со претставници на опозицијата.
Новиот предлог за статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство на Косово ќе биде една од клучните теми во сите дискусии, изјавија претходно извори на РСЕ во Брисел. Тие рекоа дека ќе разговараат и за други теми поврзани со дијалогот, бидејќи европските посредници планираат да организираат нови средби.
Лајчак минатата недела најави дека наскоро ќе свика нова средба во Брисел на ниво на главни преговарачи.
Новиот „модерен и избалансиран европски предлог“ за статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово, членовите на „Големата петорка“ на 21 октомври им го доставија на косовските власти.
Делегацијата ја сочинуваа претставници на ЕУ, САД, како и на Германија, Франција и Италија.
На 26 октомври 2023 година во Брисел се одржа посебна средба меѓу германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони со премиерот на Косово, Албин Курти, а потоа и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
На средбата присуствуваше и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
Средбите не вродија со плод затоа што Курти побара да се потпише договорот за патот кон нормализација што лидерите го договорија на 27 февруари во Брисел и анексот за спроведување што беше договорен на 18 март во Охрид.
Српскиот претседател Александар Вучиќ го отфрли ова барање на Курти. На тој состанок, косовската страна наводно прифатила нов предлог за статутот на Заедницата.
Ден по оваа средба, лидерите на Франција, Германија и Италија побараа од Косово да формира Заедница, а Србија, де факто, да го признае Косово.
Овој процес за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија започна во 2011 година со посредство на ЕУ и поддршка од САД.
За таа цел, страните направија десетина договори, но многу од нив никогаш не беа спроведени.
Еден од нив е формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово.
Иако за ова има договор од 2013 година, властите во Приштина велат дека тоа, како што е планирано, лошо би се одразило на функционалноста на државата и дадоа неколку предлози за регулирање на прашањата на малцинските заедници во Косово.
Сепак и ЕУ и САД неодамна го зголемија притисокот врз Косово за формирање на оваа заедница.
Додека САД велат дека тоа треба да биде целосно во согласност со косовскиот Устав, од ЕУ велат дека за прашањето како би се создала заедница и како ќе функционира треба да се разговара во дијалог.