Мизрахи бара продолжување на работата на Анкетната комисија за онкологија

Рашела Мизрахи

Претседателката на собраниската Анкетна комисија за скандалот во Клиниката за онкологија, Рашела Мизрахи соопшти дека ќе побара продолжување на рокот за работа на оваа комисија и да се прошири опфатот на периодот на кој се однесува нејзината работа.

Мизрахи на прес-конференција во Собранието посочи дека во текот на вчерашниот ден беа објавени нови сознанија за случајот со Онкологија, од кои, како што рече, „може да се заклучи дека станува збор за основани сомневање за метастазирано диво месо во здравствениот систем и владеење на канцер мафијата“.

Овие нови сознанија за случувањата на Онкологија, според Мизрахи, ја наметнуваат потребата да се испитаат сите нови информации и да се продолжи рокот на работата на комисијата, како и да се прошири опфатот на периодот на кој таа се однесува вклучително и тековниот период од април годинава на кој се однесува извештајот на Фондот за здравствено осигурување.

„Тоа се нови информации и сознанија од кои се јасни три работи. Првата, Фондот за здравство нарачал и изготвил извештај од кој јасно се гледа дека скандалозното работење на Онкологија, основаните сомнежи за заработка на грбот на болните пациенти, и несоодветен третман на заболените од рак се случува и денес и тоа не е престанато. Втората работа е дека, и покрај доволните складирани количини на лекови, омилени веледрогерии на власта и денес набавувале огромни колични лекови за суми кои се изразени во милиони евра“, рече таа на прес-конференција во Собранието.

Видете и ова: Екс-директорот на Онкологија Васев вели дека во негово време пријавиле два случаи за кражба на лекови

Мизрахи појасни дека по последниот ден за распит на сведоци и експрти има рок од 30 дена за разгледување документација, по што треба да излезе со заклучоци. Формален правен основ за проширување на работата на Анкетната комисија има, меѓутоа тоа е одлука што ќе треба да ја донесе самиот пленум. Група на пратеници ќе може да проследат барање за проширување на опфатот на работата, таа група може да бита и членовите и замениците членови на Анкетната комисија. Целта е да се испита целосно скандалот, заклучно со денешниот ден, појасни Мизрахи.

Досега се сослушани 49 сведоци и експерти, а 10 лица не се појавиле иако, според Мизрахи, биле уредно поканети и имале обврска. Дел од тие што не се појавиле е поради работа на случајот преку Обвинителството, а дел сами решиле да не присуствуваат.

Видете и ова: Метастазира случајот со „онкологија“

Анкетната комисија беше формирана откако Јавното обвинителство отвори предистражна постапка, по наводите кои ги објавија медиумите за злоупотреба на лекови на клиниката.

Информациите предизвикаа остри реакции во јавноста, како и протести пред Владата и Јавното обвинителство со барања случајот веднаш да биде расчистен.

Освен дека на Клиниката за онкологија се крадела терапија за болни од карционом, медиуми отворија сомнежи дека пациентите добивале и физиолошки раствор, а терапијата завршувала на црниот пазар.