Околу 180 сопственици на возила со српски регистарски таблици ги пререгистрираа возилата до 12 часот денеска (2 ноември), потврди заменик-директорот на полицијата за северот на Косово, Ветон Елшани, за Радио Слободна Европа.
Процесот на пререгистрација со финансиски поволности почна вчера (1 ноември) и ќе трае до 1 декември. По овој датум, на сопствениците на возила со српски таблици нема да им биде дозволено да се регистрираат на табличките РКС или да се движат на или преку територијата на Косово.
Видете и ова: Србите најавуваат излегување од косовските институцииКолона возила со регистерски таблички КМ е забележана утрово пред регистрацискиот центар во Северна Митровица, откако Владата на Косово на 30 октомври објави дека донела одлука за продолжување на рокот за пререгистрација на возила со српска дозвола во таблички со РКС.
Станува збор за пререгистрација на возила со ознаки издадени од српските власти за градовите во Косово, како КМ (Косовска Митровица), ГЛ (Гњилане), ПР (Приштина) и други.
Владата на Косово одлучи да го продолжи рокот за пререгистрација со финансиски поволности за сопствениците на возила со таблички PR, KM, PZ, GL, UR, PE, DA или ĐA до 1 декември 2023 година.
Видете и ова: Инциденти на северот на Косово во пресрет на крајниот рок за пререгистрација на возилатаПрашањето за регистарските таблички предизвика низа кризи на северот на Косово. Најпрвин на 31 јули минатата година беа поставени барикади, а потоа во ноември Србите ги напуштија косовските институции на север бидејќи беше суспендиран директорот на полицијата за северниот регион Ненад Ѓуриќ, кој одби да го спроведе одлуката на косовската влада за пререгистрација во РКС.
На 23 ноември 2022 година, како дел од дијалогот за нормализација на односите, Косово и Србија постигнаа договор за регистарските таблички, кои српските власти ги издаваат за градовите во Косово. Според тој договор, Србија се согласи да не издава нови регистарски таблички и Косово се откажа од планот за пререгистрација, кој предвидуваше конкретни рокови, предупредувања и казни.