На 24 ноември ќе им бидат блокирани сметките на компаниите кои дотогаш не го платиле данокот на солидарност, кој оваа година беше воведен како еднократен и кризен, предупреди директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска на денешната прес-конференција на презентацијата по повод највисоките приходи, согласно Годишната даночна пријава УЈП.
„Согласно нашиот календар, на 6 ноември ќе ги доставиме опомените. Доколку и по тоа нема направено уплата, на 24 ноември ќе пристапиме кон блокирање на нивните сметки“, рече Лукаревска.
Директорката на УЈП нагласи дека една компанија може да го одложи плаќањето до крајот на годината, но со банкарска гаранција или со залог на движен и недвижен имот.
Таа додаде дека досега се собрани 2,21 милијарди денари од данокот на солидарност, или околу 36 милиони евра, но 50-тина компании, од вкупно 150 обврзници, се уште го немаат подмирено овој данок.
Лукаревска додаде дека меѓу оние кои немаат платено има и јавни претпријатија.
Видете и ова: Ризични милионски должници на данок
Инаку според податоците, најголема месечна бруто плата во 2022 година била во дејност трговија на големо со тутун и изнесувала 195.000 евра.
Искажаниот годишен бруто-доход за 2022 година изнесува 413,8 милијарди денари, пресметаниот данок на личен доход е 25,7 милијарди денари. Вкупниот приход на граѓаните е за 47,2 милијарди повисок во однос на 2021 година, а данокот на личен доход 3,3 милијарди денари повисок во 2022 година.
Годишните даночни пријави УЈП ги изготвува врз основа на податоците од пресметките за исплата на доход поднесени од компаниите во земјата, пресметките со кои граѓаните пријавиле дека оствариле доход од физички лица од земјата, пресметките со кои граѓаните пријавиле доход од странски фирми и странски физички лица, годишниот даночен биланс и решенијата за данок на личен доход, кој се утврдува според паушално утврден нето-доход од вршење самостојна дејност.