Достапни линкови

Ризични милионски должници на данок


Зградата на Управата за јавни приходи во Скопје
Зградата на Управата за јавни приходи во Скопје

Првите 10 должници кон УЈП со повеќе милионски долгови ја „разбрануваа“ јавноста, особено поради имињата во нивното сопствеништво. Името на најголемиот должник води кон руска фирма, а домашните се со звучни имиња. УЈП потврдува дека има „ризични“ должници, но не ги открива. Должат и институции.

Најголемиот должник во Управата за јавни приходи (УЈП), чешката фирма „СГСМ Оил Гас Сервис“ е со руско сопствеништво покажуваат податоците од централниот регистар на Чешка. Таа е фирма ќерка на руската Севергазстројмонтаж која кај нас стана позната по тоа што работеше на изградбата на гасоводната делница во Клечовце.

Подружниците и на двете фирми во земјава според нашиот Централен регистар се деловно неактивни, а и кај двете како овластено лице се појавува русинот Сергеј Штин. И кај двете „трепка“ црвено светло кое сигнализира дека се должници кон УЈП. Според последната листа која ја објави УЈП токму чешката „СГСМ Оил Гас Сервис“ е прва на листата должници во земјава со 3,5 милиони евра за неплатен ДДВ и данок на добивка.

Уште во 2016 година УЈП излезе со иста ваква листа на должници на која се гледаше дека руската Севергазстројмонтаж должи 1,3 милиони евра за неплатен данок. Во тоа време таа беше подизведувач на работите на гасоводот, а беше избрана од изведувачот, руската компанија Стројтрансгас која го доби тендерот во директна спогодба со тогашната влада на Никола Груевски.

И таа, според податоците од Централниот регистар, имала подружница во земјава која во моментов пишува дека е во ликвидација и исто така деловно неактивна. За трите фирми заедничко е што се регистрирани на истата адреса Улица Васил Ѓоргов 16, во центарот на Скопје, што е адреса на трговскиот центар „Зебра“ каде се изнајмуваат деловни простории.

Гасоводот чинеше 75,7 милиони долари, а во тоа влегоа средствата од Договорот за подмирување на рускиот клириншки долг кон Македонија потпишан меѓу тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески и рускиот заменик-министер за финансии Дмитриј Панкин. Со долгот од 60 милиони долари требаше да се гасифицира земјава, а таа се обрза дека во проектот ќе учествува со 15 милиони долари.

Постојат „ризични“, но даночна тајна е кои се

Меѓу останатите фирми кои се во топ 10 листата, некои се поврзуваат со роднини на поранешниот премиер Зоран Заев или пак со луѓе блиски поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Така „Фероцем Плус ДДО Скопје“ која должи 2 милиони евра всушност сега се вика АБИРА ПЛУС и е регистрирана во Куманово за разлика од претходно кога работела во Струмица.

Сегашен сопственик и управител е извесна Родна Димова, но како претходно први луѓе во фирмата се јавуваат братучедот на Зоран Заев, Трајче Заев, Јанко Јанев и Џоко Христов.

„Дивелоп Груп“ која должи 2 милиони евра е во сопственост на Александар Ивановски попознат како Алек Теранова, кој е близок на Мијалков, а е и компанија во чија сопственост е хотел „Мериот“. Но, податоците за секоја фирма должник се под превезот на „даночна тајна“, па УЈП дава податоци, но не конкретизира која состојба се однесува на која фирма.

Државата не го наплатува долгот?

За дел од фирмите должници Управата веќе преземала мерки за присилна наплата со упис на залог на недвижен имот, а дел веќе биле и на лицитација
Но велат постојат двајца „поризични“ должници - првиот нема имот во земјава, а претходниот сопственик живее во странство. Втората „поризична“ фирма должник е нерезидентна.

„Еден од должниците е поризичен, бидејќи нема евидентиран имот на кој може да се воспостави залог и да се впаричува, нема приливи на трансакциска сметка па не може да се оствари наплата од парични средства и не може да се најде на лице место. Токму во периодот кога настанува долгот, доаѓа до промена на сопственик и управител. Новиот сопственик и управител е утврден за даночен гарант, но нема имот и наплатата на долгот кај него се спроведува со задршка на 1/3 од плата, што не доведува до поголемо впаричување. Претходниот сопственик и управител не живее во Македонија и она што може да го направи УЈП е да се обрати за административна помош до странската даночна администрација. Уште еден од должници е поризичен, бидејќи нема евидентиран имот во јавните регистри. Управителот и основачот се нерезиденти. Донесено е решение за утврдување даночна гаранција на основачот и во тек е достава во другата државата“, се вели во одговорот кој го доби РСЕ од Управата за јавни приходи.

Големи даночни должници и гостиварски „Комуналец“ и Центарот за култура во Тетово

На листата на должници која ја објави УЈП се 5.105 фирми и граѓани кои имаат доспеани долгови до 31 мај, а не ги платиле до 31 август. Иако вкупниот долг е во нето износ од 8.210.260.105 денари или повеќе од 133 милиони евра, од УЈП посочуваат дека има намалување од речиси шест милиони евра.

На списокот на должници на данок кон државата има и државни институции.

Второ на списокот е Јавното комунално претпријатие Гостивар кое должи околу 2,3 милиони евра. Се обидовме да добиеме одговор како настанал овој долг од директорот Фатон Билали но никој не одговара на телефонскиот повик во претпријатието ниту пак на официјалниот меил за информации оставен на веб страницата.

Инаку „Комуналец“ – Гостивар одамна е познато како голем должник кон УЈП бидејќи во многу наврати е на топ 10 листата со долгови. Националната установа Иљо Антески Смок од Тетово или поконкретно Центарот за култура должи 1.8 милиони евра. Од таму велат дека дополнително ќе одговорат на прашањата на РСЕ.

Од УЈП велат дека сите должници треба имаат предвид дека согласно Законот за даночна постапка, за даночните долгови со сиот свој имот одговараат и основачите и управителите управата има овластувања за наплата на доспеаните неплатени долгови и од овие лица, доколку не може да се наплатат од главниот должник.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG