До крајот на годинава ќе важи мерката за намалени цени на основните прехранбени производи и алкохолните и безалкохолните пијалоци што од 20 септември се продаваат со ознаката „гарантирана цена“.
Се укинува и одлуката за забрана на акции и промоции од страна на производителите и дистрибутерите, одлучи денеска Владата.
Видете и ова: Каква е логиката на укинувањето на акциите во маркетите „плати едно земи две“?„По вчерашната конференција и дискусија со трговците на мало и на големо и производителите, како и со помош на Стопанската комора на Северна Македонија, денеска, на предлог на Министерството за економија, укината е Одлуката во делот на акциите имајќи во предвид дека одредени трговци на мало ја толкуваа претходната одлука како неможност за давање акции и промоции. Тоа значи дека сега и производителите и дистрибутерите ќе може да организираат такви акции со цел да ги намалат цените за потрошувачите“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.
Мерката со која производите треба да имаат 10 отсто пониски цени отколку што се продавале на 1 август годинава ќе важи до крајот на 2023 година, до кога се очекува да стапи во сила законот за нефер трговски практики.