Достапни линкови

Каква е логиката на укинувањето на акциите во маркетите „плати едно земи две“?


Основни прехранбени производи. Илустративна фотографија.
Основни прехранбени производи. Илустративна фотографија.

Владата ја објави листата на 50 производи во 25 категории со замрзнати и намалени цени. Има корекција и на мерката за забрана на акции и промоции во маркетите наменета за спречување на манипулации со цените, но некои граѓани веќе се загрижени дека забраната може негативно да влијае на нивните месечни трошоци. Од Сојузот на синдикати критикуваат дека мерката за забрана на акциите нема никаква пазарна логика.

Владата со забраната на продажба на производи по акциски и промотивни цени во маркетите, ја зголеми загриженоста кај оние граѓани кои редовно набавуваат артикли на попуст.

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека е направена корекција на оваа мерка, која беше донесена со намера да бидат спечени злоупотреби и манипулации со акциските цени. На маркетите сега им е дозволено да прават акции со пониски цени од оние кои веќе се замрзнати со владината одлука, но дополнително малите трговци и супермаркетите ќе имаат обврска да ги означат производите кои ставаат ги ставаат на акции поради исетекување на рокот. Сепак, некои граѓани се жалат дека мерката за забрана на акциите и промоциите може да влијае врз нивниот буџет.

Со оние граѓани со кои разговаравме, сметаат дека новите мерки против високата инфлација, можеби требале да бидат само за намалување и замрзнување на цените, а не и укинување на акциите во маркетите.

Билјана од Скопје вели дека забраната за акциски и промотивни продажби може негативно влијае врз буџетот на нејзиното семејство, со оглед дека секој месец купуваат производи кога се на акција во одредени маркети.

„Акциите и промоциите се добри за нас, бидејќи најголем дел од нив се со вистинско намалување на цената. Ретки се оние кои вештачки се зголемуваат пред да се стават на акциска продажба. И кога ќе се соберат сите намалувања од сите маркети кои прават акциска продажба, секако се повеќе од 50 производи“, вели таа.

И Емилија од Скопје вели дека цените на сите производи се толку многу зголемени изминатиот период, што акциите и промоциите се важни за нив кога пазарат во маркетите.

„Со воведувањето на антикризните мерки прашање е дали ќе има ефект, бидејќи производите се толку скапи, што обичен човек не може да обезбеди соодветно да се прехрани. Затоа акциите на некои производи ни значат во маркетите“, вели Емилија.

Владата денеска (20 септември) ја објави листата од 50 производи чија цена ќе биде намалена за 10 проценти во однос на цената која ја имале на 1 август. Овие производи ќе добијат ознака „гарантирана цена“, кои во маркетите ќе се продаваат до 30 ноември.

Листата ги вклучува над 50 производи во околу 25 категории од пекарската, млечната, месната индустрија. Листата е преземена од Државниот завод за статистика согласно со нивните методологии за утврдување на инфлацијата и на производите се трошат повеќе, изјави Бектеши, наведувајќи дека доколку трговците не ги почитуваат мерките, ќе добијат казни со „забрана за вршење на дејноста“, а ќе ги затвора Државниот пазарен инспекторат.

Листа на производи со намалени цени.
Листа на производи со намалени цени.

„Кога на пример зборуваме бел леб, зборуваме за сите видови бел леб од сите производители. Кога зборуваме за млеко, зборуваме за сите производи на млеко од сите производители, независно дали се произведуваат дома или се увезуваат“, рече Бектеши.

Но, и покрај мерката, некои основни производи, како млечните и месните, се поскапени за 40 отсто, како што покажала анализата на Државниот пазарен инспекторат. Зголемување на цените има и кај овошјето, додека забележано е намалување на цената на маслото за јадење. Податоците се добиени врз основа на влезните и излезните фактури од маркетите.

Периодов најголем раст имаше на цените на млечните производи според официјалните статистички податоци. Најави доаѓаа и за поскапување на лебот, а граѓаните се жалат дека половина плата трошат за храна и пијалаци, како што покажуваат и податоците од синдикалната потрошувачка кошничка. Двоцифрената инфлација во земјава трае скоро две години, додкеа истовремено паѓаат цените на храната на светските берзи. Бектеши вети дека до крајот на годината инфлацијата во делот на храната нема да биде повисока од пет проценти.

Пред една недела беше воведена забраната за продажба по акциски и промотивни цени, со исклучок на алкохолни и безалкохолни пијалаци, за да се спречат можни манипулации при продажба на акции и промоции. Бектеши рече дека со оваа мерка граѓаните ќе ја знаат точната и реална цена на производите, но се сепак најави корекција на оваа одлука.

„Важно беше граѓаните да не се стават во измама и во заблуда. Откако ќе бидат објавени одредени акции, кога ќе одат дома, рокот на тој производ да не е повеќе од два дена и дополнителни трошоци се на потрошувачите што повеќе од 15 отсто од тие производи што ги купуваа, треба да ги фрлат. Такви акции нема да бидат дозволени. Акции за дополнително намалување од ова што ние ќе го утврдиме, ќе бидат дозволени“, вели Бектеши.

Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) сепак сметаат дека ова е една од „најмалку јасните мерки“ на Владата и според нив таа нема никаква пазарна основа или логика. Оттаму велат дека производителите и трговците не секогаш ги креираат овие акциски продажби заради рокот на производот, туку и да го промовираат и да го доближат до потрошувачот.

Сашко Дукоски од ССМ за Радио Слободна Европа вели дека оваа мерка е и спротивна на законот, но и дека Владата ја донела без соодветна консултација со засегнатите страни.

„Единственото логично објаснување зошто Владата ја донесе оваа мерка, е со цел да не се минимизира акцијата што ја спроведува самата, односно намалувањето за 10% на одредени производи. Затоа што да бидеме реални, промоции од типот на „плати едно земи две“, или воопшто промотивните акции можат да бидат многу поатрактивни за купувачите и ценовно поповолни. И уште, најчесто како промотивни или акциски продажби се токму прехранбените производи и оние за секојдневна потрошувачка, односно оние кои се опфатени со владината мерка“, вели Дукоски.

И Марија Лончар – Велкова - претседателка на Организацијата на потрошувачи на Македонија смета дека мерката за акциска продажба на прехранбените производи, се одразила на сите прехранбени производи, бидејќи според неа не било конкретно кажано дека нема да се продаваат други прехранбени производи кои не се во групата на замрзнати.

„Очекувавме дека другите прехранбени производи кои не се во група на основни производи ќе може да се продаваат на акција. Сега гледаме дека акциите се целосно укинати. Одлуката е донесена со цел да се спречат малверзации, но за спречување на малверзации има Државен пазарен инспекторат и тоа може да го утврди“, вели Лончар – Велкова.

Владата ја донесе мерката за одбележување на производите кои ќе бидат со намалени цени, односно поевтини за десет проценти од цената која ја имале на 1 август 2023 година.

Со тоа трговците на големо и на мало, како и производителите ќе добијат обврска да ги намалат цените, а најавено е од среда да почнат засилени контроли од страна на Државниот пазарен инспекторат, каде што ќе бидат вклучени и членови на владата во делот на надзорот како се спроведуваат тие контроли.

Тој додаде дека е подготвен и Законот за нефер трговски практики кој ќе биде донесен со европско знаменце по брза постапка. Со законот ќе се зголемат надлежностите на Државниот пазарен инспекторат.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG