Во текот на вчерашниот ден Советот на ЕУ покажа единство и се надевам дека таков став ќе манифестира и на денешното продолжение кога треба да разговараме за многу важни теми од економијата и од надворешната политика, како за поддршката на Украина и за состојбите на Западниот Балкан и регионот на Сахел, но и за претстојниот Самит за климата и за миграцијата, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел пред почетокот на вториот ден на Самитот на ЕУ во Брисел.
„Ќе го одржиме и Евро самитот, кој е од фундаментална важност за сите нас за да ја осигуриме европската конкурентност, која ќе може да ги заштити нашите работни места ширум ЕУ, да ја развива економија и да го искористи справувањето со климатски промени за поттикнување на економскиот раст“, рече Мишел.
Тој додаде дека лидерите на ЕУ веќе потврдиле оти ќе ја поддржуваат Украина се додека биде потребно, но сега ќе се разговара за начините за зајакнување на таа поддршка и за можностите за зголемување на притисокот врз Русија.
„Поддршката за Украина е од исклучителна важност и затоа сите треба да сфатат дека Украина не се бори само за својата иднина и територија, туку и за нашите вредности и принципи“, истакна Мишел.
Видете и ова: ЕУ самит со фокус на Украина и случувањата на Блискиот истокВо однос на најавите од Унгарија и Словачка за барање за ограничување на помошта за Украина, Мишел потенцира дека сите одлуки на Советот се носат едногласно по исцрпна дискусија и важно е на крајот да се манифестира единство како што беше случај на вчерашниот ден во врска со ставовите за состојбата на Блискиот Исток.
Мишел повтори дека на вчерашниот првиот ден од Самитот, Советот ја реафирмираше осудата на Хамас и на неговиот терористички напад врз израелската држава и население, како и правото на Израел да се брани во согласност со меѓународното право и со меѓународното хуманитарно право, но ја нагласи и итната потреба за справување со сериозно влошената хуманитарна ситуација во Газа и за отворање на хуманитарни коридори.