Лидерите на Европската Унија ќе се состанат на самит во Брисел кој ќе се одржи на 26-27 октомври каде што се очекува да ја повторат својата осуда за војната на Русија против Украина и да разговараат за поддршката на блокот за Киев поради знаците на замор на донаторите кај некои членки, по војната која трае 21 месец.
Се очекува лидерите на земјите членки да ја потврдат својата поддршка за „независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“ и „нејзиното вродено право на самоодбрана“, се вели во нацрт-заклучоците од самитот, во кои имаше увид Радио Слободна Европа.
Документот, кој не е конечен и сепак мора да биде одобрен од лидерите на ЕУ, исто така ќе ја потврди намерата на блокот да продолжи да обезбедува „силна финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка за Украина и нејзиниот народ онолку долго колку што е потребно“.
Нацрт-заклучоците, исто така, ќе бараат „понатамошно зајакнување на санкциите“ против Русија поради нејзината агресија и ќе ја повикаат Европската комисија да ја „забрза работата“ на предлозите за тоа како приходите кои произлегуваат директно од имобилизираните средства на Русија би можеле да се насочат за поддршка на Украина и нејзиното закрепнување и реконструкција.
Друга точка на агендата на лидерите на ЕУ е ревизијата на долгорочниот буџет на ЕУ. Европската Комисија бара едногласна поддршка од земјите-членки за зголемување на буџетот пред крајот на годината, особено за да се обезбеди континуиран проток на финансиска помош за Украина.
Киев вели дека му е потребна меѓународна поддршка за да го покрие својот буџетски дефицит за време на војната, а премиерот Денис Шмихал изјави дека на Киев следната година ќе му бидат потребни околу 42 милијарди евра (44,62 милијарди долари).
Но, надополнувањето на буџетот бара поддршка од сите земји-членки, од кои ќе се бара да дадат дополнителни придонеси од нивните национални буџети.
Унгарија, каде владата на Виктор Орбан продолжува да негува поблиски врски со Русија, за разлика од другите земји на ЕУ, се смета за потенцијален противник на зголемената помош за Украина.
Словачка, која штотуку избра популистички лидер, поранешниот премиер Роберт Фицо, е уште еден знак прашалник, со оглед на тоа што тој водеше кампања за победа на изборите во септември со ветувања дека ќе ја прекине воената помош за Украина, а истовремено ги критикуваше санкциите кон Русија.
Украина сега аплицира за членство во ЕУ, но одлука на лидерите на ЕУ за тоа дали да започнат официјални преговори не се очекува до следниот самит на ЕУ во декември, откако Европската Комисија ќе го претстави својот извештај за напредокот постигнат од Украина на почетокот на ноември, пренесува Ројтерс.
Меѓу другите точки на агендата на лидерите на ЕУ е ситуацијата на Блискиот Исток и други надворешнополитички прашања, рече Пасквал Игнасио Наваро Риос, државен секретар за ЕУ, во име на Шпанија, која моментално претседава со ЕУ.
Ова ја вклучува и неодамнешната ескалација на тензиите меѓу Косово и Србија, а и двете се надеваат дека ќе влезат во ЕУ, како и односите меѓу Ерменија и Азербејџан откако Баку изведе молскавична офанзива во септември за да ја врати контролата врз Нагорно-Карабах, регионот каде што етничките Ерменци уживаа де факто независност од отцепувањето во 1990-тите.
„Се очекува лидерите на ЕУ да го осудат Хамас за неговите „брутални и недискриминирачки терористички напади“ во Израел, во кои беа убиени 1 400 луѓе и да го нагласат правото на Израел да се брани, се вели во нацрт-заклучоците од состанокот. Тие, исто така, ќе изразат загриженост за влошувањето на хуманитарната ситуација во Газа и ќе повикаат на „хуманитарна пауза“ во кампањата на Израел за давање помош.
За ситуацијата на Блискиот исток разговараа министрите за надворешни работи на земјите-членки на блокот на состанокот на почетокот на неделава, но тие не успеаја да постигнат договор за заедничка позиција.